Здраво тело

Сируп против кашлица од мед и жалфија

Ако сте едни од оние лица кои преферираат природни методи за лекување на полесните симптоми веројатно постојано сте во потрага по нови природни лекови. Иако сме повеќе од благодарни на медицината кога фармацевтските лекарства се неопходни, понекогаш природата е сосема доволна за да ни олесни. 

Овој сируп од жалфија и мед е одлична алтернатива за ублажување на кашлицата и болното грло. Жалфијата има антибактериски и антивоспалителни својства, кои се одлични за грлото (како и за испирање на усната шуплина). Медот исто така делува благотворно, а заедно се одлична комбинација против кашлица. Рецептот е едноставен, ви треба само една шолја свежи ливчиња од жалфија и една шолја ливадски мед (локален). За двете состојки ви е потребна стаклена тегла која може цврсто да се затвори.

Што да направите

  • Измијте ги и исушете ги ливчињата жалфија;
  • Одделете ги ливчињата од стеблото.

Ставете ги ливчињата во теглата и посипете ги со мед одозгора. Ќе треба да помине некое време додека ливчињата да се натопат целосно во медот.

Измешајте со чиста лажица и затворете ја цврсто теглата. Промешувајте ја смесата еднаш дневно во рок од недела дена. Веќе по третиот ден треба да забележите дека ливчињата изгледаат поисушени, а медот се растворил и добил влага од жалфијата.

  • По недела дена извадете ги лифчињата жалфија, цедејќи го целосно медот од нив.

Чувајте ја теглата убаво затворена во фрижидер. Сирупот ќе трае долго време бидејќи медот е одличен конзерванс.

Конзумирајте го сирупот кога имате болно грло, наутро по неколку лажички или пак со шолја топла вода, малку исцеден лимон и полна лажица од сирупот.

Рецептот може да се менува: повеќе жалфија + помалку мед, посилен сируп од жалфија или обратно. Одличен сируп за ладните зимски денови кои доаѓаат!

Write A Comment