Без мајстори, без пари – како да се справите со влагата во станот
Ако сте забележале дека прозорците постојано ви се замаглуваат – при што стаклото буквално „плаче“, а на рамките се собира вода, проследено со појава на темни дамки – не сте сами. Во постудените денови, кондензацијата на прозорците е многу честа појава и јасен знак дека во домот е заробена влага, која го „бара“ најстуденото место во просторот.
Добрата вест е што постои едноставен и евтин трик, кој многумина го користат како привремено решение: сад наполнет со сол и ловорови листови. Иако ова нема да го реши сериозниот проблем со влагата во целиот дом, може да помогне токму таму каде што кондензацијата се собира најмногу – обично околу прозорците.
Зошто прозорците се замаглуваат?
Кондензацијата настанува кога топол воздух, полн со влага, ќе дојде во допир со ладно стакло. Вишокот влага потоа се претвора во ситни капки вода кои се сливаат по прозорецот.
Ако ова се случува често, може да доведе до непријатни мириси и појава на мувла, како и до оштетување на силиконските заптивки, ѕидовите или дрвените делови од рамките на прозорците.
Затоа, замаглените прозорци не се само естетски проблем; тие се предупредување дека нивото на влажност е превисоко.
Солта како апсорбер на влага во помал обем
Иако обичната сол не може да ја „извлече“ влагата од целиот дом, таа може да послужи како локализиран апсорбер во деловите каде што воздухот е особено влажен.
Како што почнува да ја впива влагата, солта станува влажна и се згрутчува – што е јасен показател дека во таа просторија има вишок влага. Најефикасна е кога ќе се постави токму таму каде што најчесто се јавува кондензација.
Зошто се додава ловоров лист?
Ловоровите листови имаат пријатен, свеж мирис и помагаат да се неутрализира „застоениот“ воздух, кој често се среќава во влажните простории.
Понатаму, етеричните масла во ловоровите листови имаат благи антифунгални својства, што може да помогне во забавувањето на растот на мувлата.
Како да ја подготвите оваа мешавина:
Земете мал, плиток сад во него ставете 3 до 5 лажици сол (може да користите обична кујнска или морска сол).Во садот со сол додадете 1 до 2 ловорови листови, притоа малку изгмечете ги со прстите за да ја ослободат својата арома.
Ставете го садот на прагот од прозорецот, во близина на местото каде што обично се собира вода.
Проверувајте ја смесата еднаш неделно.
Ако солта стане влажна и се згрутчи, можете да ја исушите во рерна и повторно да ја употребите – или едноставно заменете ја со свежа сол.
Ако солта се згрутчи по само неколку дена, тоа е знак дека нивото на влажност во просторијата е превисоко.
Што всушност помага против кондензацијата?
Иако солта и ловоровите листови можат да бидат корисни, тие не го решаваат коренот на проблемот.
Важно е да не ги оставате прозорците и рамките влажни; избришете ги додека не станат суви – посветувајќи посебно внимание на рабовите – бидејќи таму мувлата најбрзо се развива.
Уште неколку важни навики:
Во кујната, користете капаци за тенџерињата и вклучувајте го аспираторот додека готвите.
Во бањата, задолжително проветрувајте ја просторијата – кратко, но темелно – по туширањето.
Идеалното ниво на влажност е 30–50%; сè над 60% создава ризик од појава на мувла. Што ако овој трик не е доволен?
Ако влагата и мувлата се појавуваат во текот на целата година, ако ѕидовите се постојано влажни или ако дамките се шират – еден сад со сол нема да биде доволен.
Во такви случаи, треба да ја проверите:
- изолацијата,
- вентилацијата,
- состојбата на прозорците и ѕидовите.
Трикот со солта и ловоровите листови не е никакво чудо, но служи како корисен сигнал за предупредување:
ако солта брзо се згрутчи, време е почесто да проветрувате и да се погрижите прозорците да останат суви.
Со усвојување на неколку едноставни навики, можете значително да ја намалите кондензацијата и да спречите појава на мувла во вашиот дом.
