Поминаа неколку години како сте заедно, испробавте се и сешто, скоро и да не постои изненадување кое му го немате приредено.
И тоа не само вие, и тој доста се труди. Но, ете стигнавте до фазата кога веќе не сте возбудени како порано и во вашата врска владее целосна монотонија.
Не се тревожете, вашата љубов не умре, умреа само вашите идеи. Ќе ви дадеме неколку нови, и се надеваме неиспробани, предлози, а вие преправајте се дека сами ги смисливте.
Организирајте забава за пријателите
Вашата возбудлива врска почна да наликува на брак помеѓу двајца пензионери. Само мислите што ќе јадете и вечер каде да гледате филм. Тој заборави како изгледате со шминка. Па, како да не заборави кога ве гледа само во тренерки.
За да не биде така, создадете си навика еднаш во месецот да организирате домашна забава. Секој месец нека биде со различна тема и различно мени, нормално според финансиските можности. Вака ќе поминете квалитетно заедничко време без да се досадувате.
Посетете некое ново место
Прво е важно да дефинирате кој тип на пар сте? Од оние кои се присутни на сите забави или,пак, романтичните кои одат по вечери и театар? Се што треба да направите е замена. Наместо по кој знае кој пат да се задушувате во ноќните клубови, преболете 250 денари и погледнете некоја театарска претстава. Можеби ќе ја откриете вашата уметничка страна која не сте знаеле дека постои.
Ако влегувате во категоријата, романтични, јавете им се на пријателите кои се по журките. Пробајте да откриете што е она што ги исполнува, а што вас отсекогаш ве чудело. Не велиме дека ќе се пронајдете, но ако се ослободите можете да си поминете супер во новата атмосфера.
Излегувајте на состаноци
Не значи дека ако сте пола век заедно, дека треба да заборавите на состаноците. Однесувајте се како да се знаете една недела. Јавете му се и наместо ќе дојдам кај тебе, поканете го да излезете во град.
Процесот на дотерување, шминкањето, средувањето на косата, ќе ве потсети на некогашното време. Ќе видете колку всушност ви фалеше градот и забавата што ја нуди. Појдете некаде на пијачка и журкајте се до доцна во ноќта. Прекинете ја веќе шемата, лете на сладолед, зиме на чај, а после 12 по дома.
