Да, пак за мажите ќе зборуваме. Сите сме нечии бивши и сите сме ја слушнале фразата „Те сакам“ барем еднаш. Темата на која размислував, откако веќе ја бев слушнала фразата не еднаш или два пати е: Кога, зошто и како мажот ги изговара овие зборови.
Вели дека ве сака пред секс!
Прифатете ги фактите – тој едноставно е многу запален и што побрзо сака да легне со вас. Што всушност според критериумите на доста мажи граничи со љубов. Но сепак после конзумацијата, љубовниот трепет полека ќе го напушти. Не е болка за умирање, уште повеќе, ако сексот бил добар. Ако не бил, нема проблем – лошото искуство е исто така искуство.
„Те сакам“ по време на секс
Ете ова е најлошата варијанта. И да појасниме дека станува збор за првиот пат кога некој маж ви го каже тоа. Значи…имате за прв пат секс со него и тој вели „Те сакам“. Во ваков случај е многу тешко да ја процените искреноста на споделените зборови. Најчесто во овие моменти неговото тело врие од окситоцин плус уште неколку хормони во коктел и зборовите сами навираат. Но тежината и вистинитоста на овие зборови треба да ја ставиме веднаш под знак прашалник бидејќи хемијата и возбудата си го прават своето.
„Те сакам“ после секс!
Да речеме минал час, два, три и повеќе…или денови откако сте биле интимни и тој токму тогаш ги изговори волшебните зборови. Ова не е лоша варијанта. Можеби човекот навистина е вљубен и сака да ви даде знак за неговата верност и сериозни намери.
Но има и мажи кои мислат дека можат да спијат со вас повторно и повторно, ако еднаш сте легнале со нив. Дури сум забележала дека многу мажи сметаат дека до крајот на животот можат да ви се јавуваат и да ве бараат со идејата дека што еднаш сте спиеле со нив на времето, значи веројатноста да го направите пак е голема. Ете ова не сум си го дозволила. Бившите затоа се бивши, за да ги игнорираш и да учиш од лошото искуство, а не да се враќаш повторно кај нив. Исто како да си носел некаков чорап извесно време и на крај се скинал, а ти наместо да го фрлиш си го прибираш во шкафчето, ако случајно ти притреба. Не, многу ве молам…отворете го шкафот и фрлете ги сите партали!
Но нека претпоставиме дека спиете заедно веќе неколку месеци. Ете ова е ултимативна варијанта што ќе ви докаже дека тој има навистина силни чувства за вас. Во случајов размислете сериозно какви се вашите чувства зошто овој маж можеби е оној вистинскиот.
Темава ме потсети на едни прекрасни стихови…Помислете откако ќе ги прочитате, дали имате доволно храброст да кажете на некој „Те сакам!“ ?
Многу добро сме навикнале
да не велиме „Те сакам“,
да не се самозалажуваме,
да не не боли излишно.
Веќе употребуваме
зборови од нас измислени,
веќе само си посакуваме,
веќе само си бараме.
Ми требаш – без ветување.
Ми требаш – без обврски,
без да се задлабочуваме
без да се врзуваме.
Многу добро сме навикнале
деловно да се соблекуваме,
деловно да се заштитуваме,
дури и да се сакаме
не признаваме и не покажуваме.
Те сакам но без ризици.
Те сакам но без обврски.
Станува лесно, станува јасно
лампите гаснат брзо.
И во темнината на собата
без глумење, без „Те сакам“
…две минути пред „Те посакувам“ –
стануваме и се облекуваме…
