За најголемиот дел од луѓето, раскинувањето е непријатно искуство. Едноставно, тешко е да се разделите од некого и да му ги соопштите причините. Но, кога веќе не се чувствувате удобно во врската, што друго преостанува да направите освен да ги образложите тие причини и да дозволите двајцата да продолжите понатаму?
Постојат многу знаци кои сугерираат дека врската нема иднина, а ова се дел од нив.
Не си верувате еден на друг
Доколку се фатите себеси како размислувате за мотивите на личноста со која што сте и не сте сосема сигурни дека постапува чесно, значи и дека постои нарушување на довербата или пак никогаш не ни имало целосна доверба помеѓу вас. Доколку пак и двете страни имаат сомнежи, сето тоа може да заврши прилично бурно. Можеби сте преминале преку некоја работа, но не можете сосема да заборавите и простите. Ако се чувствувате така и мислите дека тоа чувство ќе ве држи и во иднина, најдобро е да пронајдете личност која нема да поттикнува такви емоции.
Имате различни вредности
Вие сакате една работа, другата личност има сосема поинаков став и планови. Во почетокот од врската кога има повеќе страст, не ги забележувате премногу овие работи, но кога ќе мине почетната фаза, многуте разлики излегуваат на површина. Секако, не можете да очекувате да најдете потполно идентична личност на вас и мора да се адаптирате и да правите компромис, но постојат вредности за кои не може да се направи компромис.
Не можете да се замислите заедно во иднина
Исчезна првичната страст и кога ќе помислите на периодот за две, три или повеќе години, не можете да се замислите со оваа личност. Всушност, се надевате дека таа личност исто така не прави планови за со вас во иднина. Доколку се чувствувате така, нели е пофер кон себе и кон другата личност да прекинете навреме и да најдете некој со кој можете да ја замислите иднината?
Повеќе не можете да ги толерирате недостатоците
Постојат недостатоци преку кои можете да поминете и такви кои едноставно не можете да ги толерирате. Некои од нив се добро скриени и излегуваат дури подоцна, но кога ќе ги откриете и сте на чисто дека нема да можете да се носите со нив, подобро ставете крај додека работите не станале премногу сериозни и разделбата стане уште потешка.
Врската станува насилна
За ова не треба ниту да размислувате – доколку сте предмет на било какво малтретирање веднаш ставајте крај. Луѓето кои покажуваат тенденција за насилство се особено тешки за оставање и нема така лесно да ве остават да си заминете. Затоа, доколку забележите барем некаков знак дека се работи за таква личност, не чекајте работите да станат полоши.
