Free zone

Слика на Рубенс за која се сметало дека е изгубена 400 години продадена за 2,67 милиони долари

Слика од барокниот мајстор Петер Пол Рубенс наречена „Христос на крстот“, за која се сметаше дека е изгубена четири века, е продадена за 2,67 милиони долари на аукција во Версај.

Делото неодамна беше пронајдено во еден дом во Париз и го прикажува распнувањето на Исус Христос. Сликата првично беше проценета на 11.500 долари.

„Веднаш имав претчувство за оваа слика и направив сè што можев за да се обидам да ја потврдам нејзината автентичност. Конечно беше потврдена од Рубенсум, комитетот на Рубенс во Антверпен“, изјави аукционерот Жан-Пјер Озенат за Асошиејтед Прес.

Нилс Битнер, експерт за делата на Рубенс, објасни пред аукцијата дека мајсторот често сликал распнувања, но ретко го прикажувал безживотното тело на Христос на крстот.

„Значи, ова е единствената слика што покажува крв и вода што излегуваат од раната во ребрата на Христос, а тоа е нешто што Рубенс го насликал само еднаш“, рече тој.

Write A Comment