Бил Козби (88) е прогласен за виновен од страна на порота во Калифорнија за дрогирање и сексуално напаѓање на Дона Мотсингер во 1972 година.
По двонеделно судење во Санта Моника, поротата донесе пресуда што ќе го чини Козби огромни 59,25 милиони долари.
Оваа астрономска компензација е поделена на три дела: 17,5 милиони долари за минати штети, 1,75 милиони долари за идни штети, додека најголемиот дел од 40 милиони долари е определен како казнена (кривична) штета.
Исповедта што ја собори легендата
Дона Мотсингер даде шокантна приказна за инцидент што датира од пред повеќе од пет децении. Според неа, Козби ја поканил на својот настап, а потоа ѝ понудил вино и апчиња за кои тврдел дека се аспирин.
Кратко потоа, таа почнала да ја губи свеста. Се разбудила подоцна,гола и свесна дека била дрогирана и силувана.
- Го носам товарот на она што ми се случи пред повеќе од 50 години. Денес, поротата ја виде вистината и го повика на одговорност – рече Мотсингер веднаш по пресудата, не криејќи го своето олеснување што правдата, иако задоцнета, е задоволена.
Одбраната најави жалба
Адвокатскиот тим на Бил Козби изрази силно незадоволство од овој исход. За време на судењето, одбраната инсистираше на тезата дека обвинувањата се засновани исклучиво на претпоставки и сеќавања од пред половина век, без материјални докази за тоа што навистина се случило таа ноќ. Тие веќе најавија жалба против оваа пресуда.
Сериски предатор преправен како семеен човек
Пресудата доаѓа речиси пет години откако Козби беше ослободен од затвор во Пенсилванија. Да потсетиме дека тој отслужи казна таму за сличен случај, но пресудата беше поништена со одлука на Врховниот суд поради процедурални неправилности, што потоа му овозможи да биде слободен.
Сепак, дамката на неговата кариера е неизбришлива. Со текот на годините, повеќе од 60 жени излегоа со обвинувања дека Козби ги дрогирал, силувал или сексуално ги вознемирувал. Иако некои случаи се решени вонсудски, отштетата од речиси 60 милиони долари претставува еден од најтешките финансиски удари што актерот некогаш ги претрпел.
