Сте забележале ли дека врските се како годишните времиња? Променливи, малку ладни, па потоа топли, доаѓаат ненадејно, а кога мислиме дека е крај, тогаш траат уште малку. Како што нашето расположение се менува низ годишните времиња, така и нашите врски го доживуваат летото, есента, зимата и пролетта.
Сон за летната вечер …
Прва асоцијација – сонце, плажа, слобода… Летните љубови се како летото. Кратки и слатки, страствени, еротични, сензуални, заводливи… А зошто да не? Оддалечени од секојдневните проблеми, се препуштаме на скриените желби и страсти кои долго спиеле во нас, па така мирисот на морето и сол ги буди. Сепак, бидете внимателни, ветувањата кои ги дава летото се со краток век.
И доаѓа есента во својата наметка од лисја …
Есента е време за нови почетоци. Се враќаме од летување полни со енергија и подготвени за нови предизвици. Есента е одлично време за запознавање нови интересни луѓе. Врнежлива, есента нè буди и успива во исто време. Ова време е идеално за почеток на нова врска. Можете заедно да шетате по дождот, да пиете вино во некое кафуле и да разговарате за смислата на животот додека околку вас паѓаат лисјата.
Доаѓа студената зима и првите снегулки …
Во зима мечтаеме за топол кревет во кој некој нè чека. Во ова годишно време некои сакаат повеќе, некои помалку, но никој не сака да е сам. Во зима некако повеќе се повлекуваме во себе, во своите домови, во своите светови… Можеби во зима сме и најверни, бидејќи студенилото не тера самите да побараме сигурност и мирно пристаниште. Зимата е најдолго годишно време и не сакаме да го поминеме сами.
Пролетен немир
Пролетта доаѓа ненадејно и со себе носи немир. Така и нашите врски во пролет доживуваат осцилации. Посакуваме возвуда, а немаме доволно сила ни волја да се помрднеме. Пролетта како да носи немир во нашите врски и во нас самите.
Направивме цел круг и се вративме на почеток. Во лето, кое ќе дојде и пак ќе помине. Како и нашата љубов, нели?
