Околу 45 минути попладневна дремка помага за регулирање на крвниот притисок, велат американските научници. Според нив, одморот го подобрува здравјето на срцето, особено во случаите кога сонот во текот на ноќта не е доволен.
Теоријата на експертите е дека краткиот сон е проверен метод кој помага да се опуштиме и релаксираме. Овој вид опуштање е сигурен начин за намалување на крвниот притисок.
Попладневниот одмор влијае позитивно и на мозокот. Научниците од универзитетот во Калифорнија забележале и дека луѓето кои спијат по 90 минути преку денот, имале подобри резултати на задачите на тестовите од оние кои останувале будни во текот на целиот ден.
Според нив, мозокот ги користи “украдените” минути одмор за да помогне за обработувањето на информациите и преносот на информациите во оној дел на мозокот кој е одговорен за долготрајната меморија. На овој начин во краткотрајната меморија се создава “простор” за влез на нови информации.
Дури и без да се спие, мирниот одмор го смирува умот. Шест-минутно дремење е доволно за ефикасно обработување на вашите спомени. При дремка од 20 минути, веќе се преминува преку првите две фази од циклусот на спиење и се забавува срцевата фреквенција. Ефектот потоа – зајакнување на концентрацијата и подобрување на расположението.
40-минутниот сон во текот на денот е решение за деновите кога ноќното спиење е недоволно, особено кај работа, што бара висока концентрација.
Алармот е неопходен, бидејќи ако попладневното спиење трае повеќе од 45 минути постои ризик од испаѓање во длабок сон. Кај будењето во длабока фаза на сонот останува чувство на дезориентација и замор.
За да биде дремката корисна, треба да се избере и точното време. Пораниот одмор во текот на денот го отежнува целосното опуштање и постигнување дремка. Касното спиење попладне води до проблеми со заспивањето во текот на ноќта.
