Веќе одамна мебелот од бамус, трска, махагони, ратан и слични материјали не е исклучиво резервиран само за терасите, балконите и дворовите. Денес со него се почесто се уредуваат и домовите.
Убавината на плетениот мебел, кој се изработува од природни материјали, го оплеменува просторот и внесува парче природа во домот.

Бамбусот припаѓа на фамилијата треви, и расте во тропските и суптропските предели на југоисточна Азија и северна Австралија. Неговото стебло се употребува за изработка на мебел, подни облоги, како и ѕидни облоги. Токму во Азија почнува изработката на различни предмети изработени од бамбус и наменети за домот. Во Јапонија бамбусот освен за изработка на мебел се користи и како материјал за градба на куќи. Во Кина бамбусот се смета за симбол на долговечноста, а во Индија за симбол на пријателството.

Иако не припаѓа на определен стил, плетениот мебел лесно се вклопува скоро во секое уредување, го оплеменува и го обединува во природна целина. Тој создава чувство на пријатност и топлина во домот. Лесно се комбинира и со декоративните елементи, без разлика дали се модерни или класични.
Причина за популарноста на мебелот од бамбус е фактот дека покрај едноставноста, ја задржува својата функционалност.

Љубителите на класичниот мебел кои сакаат да внесат малку природа во домот, тоа можат да го сторат со поставување на паркет или ѕидни тапети од бамбус, а истотака на располање стојат и многубројни декоративни елементи како што се столните лампи, рамките за слика, украсни дрвени садови, па дури и егзотични теписи од ратан.
