Сценаристите на големиот филмски хит „Штрумфови“ ќе пробаат да му ја вратат старата слава на еден од најомилените цртани јунаци од минатото, потврдуваат од „Sony Picture Animation“.
Џеј Шерик и Дејвид Рон планираат да направат филм за славниот љубител на спанаќ, кој вечно се труди да ја спаси својата љубена Олива од лошиот Дибек. Попај еднаш има доживеано филмска премиера и тоа во 1980 година. Тогаш улогата на Попај ја играше Робин Вилијамс, а Олива беше Шели Дувал. Филмот, за жал, доживеа фијаско на касите на кината.
Шерик и Рон би можеле да му ја вратат старата слава на Попај, а нивната намера да го сторат тоа ја коментираше претседателот на „Sony Picture“ Боб Ошер.
– Тие двајца поседуваат страшен талент со кој им ја враќаат енергијата на старите омилени ликови. Како што веќе покажаа со Штрумфовите, на нив секогаш им успева да ги зачуваат оригиналните карактеристики на безвременските ликови и да ги вклопат во приказна која би ги привлекла современите посетители на кината, – вели Боб.
