Карминди е една од најпопуларните шминкерки во Холивуд и во светот на модата. Соработува како консултант по убавина и шминка во врвните модни списанија како InStyle, Elle, Marie Claire, Cosmopolitan, Self, Vogue, GQ и Essence.
Од неа ќе научиме неколку трикови за создавање совршена секојдневна шминка со акцент на природната убавина.
Според Карминди пудра се нанесува само ако претходно сте употребиле основа, а особено внимание треба да се посвети при размачкувањето на пудрата што треба да е прецизно особено на клучните места – зоната околу очите, вратот и границата помеѓу косата и лицето.

Карминди не крие дека го преферира кремообразниот руж. Според неа тој создава впечаток за природно руменило, блесок и свежина на кожата. За да биде траен ружот, покријте го со пудра во прав.

Според неа најубавите очи се свежите и сјајни очи. За таа цел препорачува да нанесете прво светли сенки што ја рефлектираат светлината во внатрешниот агол на окото и во зоната под веѓите. Секогаш избирајте сенки со сјајен ефект во златни, светло розови, шампанско и ванила нијанси.

За усните советува да ги исцртаме најпрво со молевче во боја како природната боја на усните, да нанесеме кармин во лесни и пастелни бои, а за крај нанесете малку сјај за усни повторно во нежни нијанси.

