Многу жени мислат дека косата им опаѓа, но всушност тие грубо ја третираат и кинат, па затоа е проретчена. Прочитајте ги четирите едноставни начини за да го зачувате волуменот.
Фарбата нанесете ја прецизно само на коренот. Доколку не водите грижа за тоа, деловите од косата кои ги префарбувате по 10 и повеќе пати ќе бидат груби и лесно кршливи. На тие места косата се кине и со тоа изгледа поретка.
Кога ја миете косата, со нежни движења масирајте ја кожата на главата и тоа со цели дланки, не само со прстите. Шампон нанесете на темето и кон челото, не на краевите. Нежно избришете ја косата со крпа и не чешлајте ја додека е мокра.
Најдобро е да ја сушите природно, но ако сепак одберете фен, бидете трпеливи. Не приближувајте го фенот близу до главата и до врвовите на косата. Воздухот не смее да биде претопол. Пред употреба на фен, нанесете спреј кој ја штити косата од топлина.
Редовно кратете ги врвовите. Благодарение на тоа, косата ќе изгледа побујна, ќе биде поздрава и побрзо ќе расте. Редовното отстранување на оштетените врвови е најдобра превентива од опаѓање на косата.
