After Midnight

Да сретнеш лицемер…

Што се зборовите ако не израз ( отворен и чесен) на нашите мисли, чувства и емоции? Израз на самите нас. Што се зборовите што ги изговараме смислено и со одредена замисла и стремеж да постигнеме нешто (што и да е) во името на некаква недобронамерна (егоистична) цел? А може и едноставно, зошто така ни е кеф. Без да мислиме за последиците. Тоа веќе се празни приказни. Типични за лажговците и лицемерите.

До скоро немав големо искуство и контакти со нив. Најчесто се случуваше мојата интуиција малку или многу да ги почувствува таквите луѓе и знаејќи сум се стремела да стојам подалеку од нив.  Меѓутоа за добро или лошо, животот ме сретна и со така наречените жестоки лицемери. Да бидеш повреден од таков тип луѓе е ужасно искуство и не го посакувам на никој.

Тоа се всушност луѓе кои продаваат празни приказни и лаги. Се додека не ја постигнат целта и не почувствуваат ( не почувствуваат, зошто тие обично не се способни за нормалните човечки емоции) своето така наречено задоволство. Толку многу се усовршени  што дури и најискусното око тешко би ги препознало. Тоа се луѓето кои денес со зборови ти симнуваат ѕвезди, а утре со дела те фрлат во калта. И да го прават тоа без грам милост и сочувство. Сосема смислено.

И тука доаѓа веќе моето избезумено прашање: Зошто? Зошто го прават? Какво задоволство им носи тоа? Со каква цел? Веројатно тоа се должи на нивната претерано егоистична и жестока природа што достигнува врвно ниво? Веројатно измачувајњето на другите им помага да се почувствуваат „големи“ и тоа ги прави среќни. Чувствуваат прилив на енергија или победа зошто извојувале некакво место во животот или си ја постигнале целта? Ако е така е жално. Тажен живот. Тажно постоење. Да ја градиш среќата и својот живот и при тоа повредувајќи и на сметка на други луѓе не е вистинското решение. Се разбира тоа не го определувам јас. Секој сам си знае за себе како да си ги живее деновите на својот живот и секој сам одговара за своите постапки. Јас само си мислам дали некогаш, некаде, некој ќе се појави и ќе им покаже всушност кој е Мајсторот.

Напиши коментар