After Midnight

Кога душата боли што ќе ни помогне?

Дали ви се случило да се разбудите и нешто да ви тежи на душата…? Не можеш да кажеш што точно е или да го опишеш со зборови, но го чувствуваш дека е таму и го прави будењето не особено пријатно.

После пореднато утро во слична состојба, не побрзав да станам како обично во вакви случаи и да се зафатам со нешто за да ми ги одвлече мислите. Лежев и си мислев…Дали сум сонувала нешто лошо?  Не. Дали вчера се случи нешто што предизвикало да се чувствувам сега лошо? Не, иначе причината ќе ми беше јасна…

После извесно размислување и анализи на се што ми се случувало последните неколку денови, се сетив што ми кажаа пред некое време – кога од мали не учат дека се ќе си дојде на свое, кога ни даваат надеж, кога така не воспитуваат, па да веруваме и во невозможното, а после, веќе пораснати, ни е тешко да живееме во хармонија со реалноста.

Тешкотии во животот – колку да сакаш, непријатни моменти – исто, но досега секогаш ги знаев причините зошто сум тажна, што ми тежи на душата и соодветно како да се справам…А денес?

Тоа беше – воспитана сум да верувам во чуда, во среќен крај и во тоа дека среќата е зад аголот и ме очекува. Од извесно време тешкотиите си доаѓаа една по друга, ги надминував колку можев, се борев со негативизмот околу мене, како и секогаш до сега, и верував ли верував во доброто што ме очекува.

Но тоа каснеше. Погледнував зад секој агол, барав. Барањето продолжи премногу долго. Но сепак продолжив. Можеби денес ќе е денот, ако не денес, утре. И нема да престанам да верувам во тоа. Нека ми биде тешко. Потешко може да е само ако си престанал да веруваш.

Помина некое време и насмевката ми се врати. Луѓето околу мене продолжуваа да си го носат негативизмот и тој постојано се обидуваше да ме зарази и мене но не му се давав. Зошто знам дека трикот е едноставно да се најдеш на вистинскиот агол во вистинското време и дека таков дефинитивно постои.

Напиши коментар