Да ме сакаш е тешко. Јас сум тешка за тешките и лесна за лесните. Можеш да ме сакаш со договор помеѓу ангелот и ѓаволот – анѓелот да стави многу шеќер во кафето, а ѓаволот да го прави најгорчливото кафе. Јас сакам благо кафе. Сакам благо и горчливо. Понекогаш ѓаволот го прави кафето премногу горчливо, а анѓелот заборава да стави шеќер и ти немаш друг избор, освен да го испиеш кафето, зошто друго кафе нема, а ти без кафе не можеш.

Имам многу лица, но не за секое од нив имам маска. Единственото добро во тоа е што покасно ќе откриеш дека сум те сакала со сите лица. Дури во едно од нив да го гледаш твојот убиец, а во друго твојата спасителка. Јас сум мешавина од многу бои.  Јас сум најразличниот човек што некој може да ја има честа да го познава, макар што сметам дека сум и се однесувам најобично.

Треба да си луд за да ме сакаш. Нејзината љубов те прави лунатик, шизофреник, параноик. Не можеш да ме сакаш смирено. Мене можеш да ме сакаш драматично, нервозно, со плач и душевен врисок, со многу солзи, со многу смеа…Можеш да ме сакаш само со целата љубов што ја поседуваш. Така ќе те сакам и јас.

Можеш да ме сакаш нелогично. Страста не е роб на разумот. Јас сум најверната блудница. Нелогично ќе и простуваш, нелогично ќе ја сакаш. Болка и љубов заклучени во едно. Само така можеш да ме сакаш. И повеќе нема да бараш, само понекогаш, да боли помалку, но и со тоа се согласуваш, зошто знаеш дека договорот беше таков, нели? Помеѓу ѓаволот и анѓелот. Горчливо кафе со многу шеќер.

Јас сум како виното, како француско сирење, не секој може да си дозволи да ме сака и не секој го поднесува мојот вкус. Љубов за ценители и не за секој. Мене можеш да ме сакаш страсно, до лузни по грбот, до раскинати кошули, до модрици, до крвави усни.

Можеш да ме сакаш до болка, до лудост, до заборав. Можеш да ме сакаш како живот, како книга. Малку по малку ја листаш и возбудено ја очекуваш новата глава, во која книгата може и да заврши, но читаш. Ако престанеш станува немо, станува глуво зад очите. Да ме сакаш е да крвариш во сите бои.

Напиши коментар