Вредноста на маслиновото масло е позната во кујната, а ако никогаш не сте го користеле за разубавување, тогаш не знаете што пропуштате. Бидејќи е богато со антиоксиданси и витамин Е, маслиновото масло совршено ги негува кожата, косата и ноктите.
За лицето најдобро е да го нанесувате со памукче, а за да го избегнете мрсното чувство на кожата, се препорачува прво да го навлажните лицето со вода. Исто така, од него може да направите маска за лицето и вратот. Во неколку капки масло додадете лажичка мед и две лажици млеко, нанесете на кожата, оставете 10-15 минути добро да се впие, па измијте со ладна вода. Маслото може да го искористите и како балсам за усни и за нега на ноктите, рацете и нозете.
Вашите стапала ќе бидат меки ако пред спиење им нанесете маслиново масло, па потоа облечете памучни чорапи. Ова течно злато ќе ви помогне и да ја избришете шминката, па дури и водоотпорната маскара.

Пилинг
На сите суви, оштетени делови на кожата нанесете маслиново масло измешано со шеќер. Ова ќе ви послужи како одличен пилинг. Додадете малку лимонов сок за посвежа маска.
Маска за коса
Во две белки од јајце додадете две лажици масло и добро измешајте, па нанесете на косата. Оставете половина час, па измијте со шампон.
