Илјадници сајтови за познанства. Онлајн љубов, која изгледа речиси како вистинска. Тој или таа немаат трпение да седнат пред мониторот и во некаков занес да си ја оголат душата и срцето до крај. Тој и таа, кои сметаат дека најпосле се нашле во оваа дива мрежа на кибер просторот.
Анонимноста им дава сигурност и тие можат да заборават на сите кочници кои би им попречиле во реалниот живот. Толку многу самотници има што мрежата станува мана небесна. Особено за жените. Нивната вродена потреба од романтика си го наоѓа овде она што и треба. Вистина е дека има малку судбина во сето она што ни се случува, но обично разумот го има последниот збор. Ако му дадеме да дојде до збор, се разбира. Во стремежот да не останеме сами, очајни и разочарани ние му даваме приоритет на срцето, а разумот си останува да седи со лепенка на устата.
Но понекогаш, чуда се случуваат. Веројатно Судбината се насмевнала или се смилувала на две осамени души и ги споила тука. Но настапува и часот на вистината. Во заштита на статистиката не може а да не кажеме дека бројот на бракови и врски започнати по интернет расне прогресивно. Но кога часот на вистината настапи, има две веројатности – или тотално разочарување или хепиенд. Крајот може да е доста болен, ако е поврзан со измама, но може да биде и природно продолжување на нешто што започнало во интернет, каде во мометот на потполна осаменост едно срце повикало друго, а Судбината кажала кратко „Да биде!“