After Midnight

Тој те изневери? Добродојде во општата статистика!

Е да, но вашиот маж не беше од оној тип мажи. Тој беше од оние што не изневеруваат, кои се вљубени безумно во жената до себе, од оние што го фрлаат ѓубрето и присуствуваат на раѓањето на децата. БЕШЕ, зошто и тој не е истиот и животот не ви е истиот и како се околу вас да придобило циничен привкус.

Толку сте збунети што се јавувате кај мама. Изгледа таа долги години ја криела вистината за мажите од својата принцеза. Се надевала дека вие ќе го сретнете различниот. И ете сега слушате со равнодушен тон: „Сите мажи се исти, сите се неверни…Сочувај го семејството мила моја“.

Што да сочувам кога се се сруши? Можам ли да бидам истата? Можам ли да му ја правам омилената салата со истата љубов? Како да се правам дека ништо не се случило? Поради кого? Поради тетка Стојна од 5-от спрат или поради 35-те братучеди…поради децата?

Да му простам? Секогаш сум се прашувала што точно имаат во предвид луѓето кога велат „да му простам“. Јас не верувам дека жена што силно го сакала сопругот, може да му прости. Како се заборава такво нешто? Тоа е невозможно за мене. Освен тоа имам прилично количество достоинство и самодоверба за да дозволам нешто слично.

Другата. Што е таа повеќе од мене? Ниту е поубава, ни поумна, не гледам со што го привлекла за да ме замени мене со неа. Но наеднаш ми светна, сватив колку е таа повеќе од мене, ако го дала на мојот маж она што јас не успеав. Додека јас се грижев за домот, додека се грижев за децата, додека му ја подготвував омилената вечера, додека организирав изненадување за неговиот роденден, додека барав подароци за денот на вљубените…можеби немав доволно време, но очигледно за него јас не бев доволна.

После првичниот шок се обидувам да се соземам. Се обидувам да потрошам купишта пари по продавниците, да видам дали има таква облека што ќе ја изрази жената во мене, ако воопшто веќе ја има. Сакам да си купам нов парфем, но што ќе ми е по ѓаволите? Штом нема да има маж вљубен во неговата арома?!

Одам да испијам еден, не, барем 10 коктели со мојата стара пријателка, која не верува и никогаш не верувала на мажите. Знам како ќе реагира, ќе се смее, ќе ме гушне и ќе ми каже: „Добродојде во општата статистика“.

А утре сум на работа, сепак таму има еден колега кој веќе подолго време ми се смешка…

Напиши коментар