И покрај тоа што култната серија „Сексот и градот“ е веќе ретро, ние сеуште има што да учиме од феноменалното сценарио посветено на жените и нивната љубов. Можеби банално звучи, но серијата на повеќето од нас ни помогнала да се погледнеме себе си од друг агол, а сега би сакала да ви ги претставам пете најважни лекции што ги научив од Кери, Саманта, Шарлот и Миранда.
Изберете го својот тип маж
Кога Миранда почна да излегува со Стив, таа гледаше на тој однос скептично како и обично. После некое време кога врската се продлабочи, почнаа и проблемите, за тоа кој да ја плати сметката. Сепак двајцата работеа во различни области – тој шанкер, таа адвокат. Овие разлики придонесоа да се стигне до распаѓање на врската…Но за да има среќен крај, како на филм, тие завршија заедно. Меѓутоа, во реалниот живот ова ретко се случува!
Оставете тој да „трча“ по вас
Вистина е дека Кери долго време „трчаше“ по Ѕверката, но на крај тој беше оној што дојде да ја моли за прошка, кога таа заминуваше со русинот во Париз. Тогаш Кери беше со друг маж и реши да ја скине страницата од својот живот поврзана со Ѕверката. Но тој не се откажа! Побара помош од Саманта, Миранда и Шарлот и во последен момент отиде во Париз, токму кога и беше најпотребен. Кога таа престана да трча по него, тркалото се сврти…Тој дури тогаш разбра што имаше и дека може да ја изгуби засекогаш…Можеби мажите треба малку повеќе да се потрудат, за да го направат она што го сакаме. Дури и кога мислиме дека веќе е касно…
Не ги занемарувајте знаците кои покажуваат дека вашата врска е осудена
Кога романтичната Шарлот, позната по својата вера во големата љубов го сретна д-р Треј Мак Дугал, таа реши дека тоа е мажот на нејзиниот живот. И покрај очигледните знаци дека нивната врска е осудена на пропаст, се стигна до свадба. Понатака се вклучи доста наметливо и неговата мајка, а проблемите во кревет беа сериозни. Шарлот требаше да се раздели со својата нереална фантазија и да се разведе со паметниот, богатиот, симпатичниот, но несудениот Треј. Врска или брак по секоја цена? Не!
Дозволете си да се вљубите
Опасната Саманта имаше едно основно правило во животот – никогаш да не се вљубува. Таа бараше само авантура и секс од мажите. Но кога го сретна харизматичниот актер Смит, работите се сменија. Во почетокот не му даваше да ја држи за рака во јавност, но со тек на време му призна дека за неа тој значи многу повеќе од сите мажи во нејзиниот живот. Можеби, колку и да сме биле повредувани во животот, колку и да не веруваме во љубовта, треба да си дадеме шанса, за таа еден ден да се случи.
Научете да бидете сами
Кери од секогаш била ЗА љубовта и во својата колумна и во реалните разговори со своите пријателки. После доста неуспешни врски и разочарувачки разделби, таа сепак најде сили да се чувствува добро и сама и да продолжи да верува во љубовта. Според неа најважната врска во животот е онаа што ја имаме со самите себе. И вели: „А ако сепак најдеш некој вистински што ќе те сака, тоа е прекрасно!“ но и без тоа жената треба да е доволно силна за да може да живее и сама, доволно самоуверена, за да не и треба никој за да биде среќна. И како што знаете, токму таквиот став и ја оствари најголемата желба – таа заврши пред олтар токму со мажот на нејзиниот живот.