Далеку од домот, во опуштена атмосфера, лесно е да се занесете, да направите некоја грешка и да останете со скршено срце. Па, затоа е потребно да ги почитувате правилата за летна љубовна авантура.
- Летната авантура има рок на траење. Таа може да трае од една вечер до максимум 3 месеци. Пред да започнете со состанувањето, определете си дата на којашто вашата авантура ќе заврши. Тоа може да биде денот кога завршува вашиот летен одмор, последниот ден од вашата работа за преку летото и сл.
- Не се впуштајте во авантура со пријател или колега. Истражувањата покажале дека луѓето се најсклони да имаат љубовна авантура во текот на летото. На одмор сте со друштво, одненадеж останувате сами со некој ваш пријател и хормоните започнуваат да ви вријат? Или пак колегата од работа ви изгледа попривлечен? Најдобро е да „оладите“. Никогаш не треба да започнувате нешто краткотрајно со некој со кого ќе треба да се гледате во текот на целата година. Тоа ќе ви донесе само непријатни ситуации.
- Поставете граници. Дајте му до знаење дека барате само забава и осигурете се дека и тој се согласува со тоа. Не се доведувајте во ситуација да треба да измислувате причини зошто да не бидете заедно по завршувањето на летото.
- Бидете површни. Една од добрите страни на летната авантура е што не треба да навлегувате во сериозни теми и разговори за иднината. Не откривајте премногу детали од својот живот. Ваквите авантури се најинтересни затоа што секогаш присуствува одредена доза на мистерија. Бидете површни во разговорите, не ги мешајте чувствата и едноставно препуштете му се на моментот.
- Не очекувајте многу. Кога се согласувате да започнете љубовна авантура, треба да знаете дека ниту еден од вас нема обврски кон другиот. Не очекувајте тој да излегува со вашето друштво, да ве покани да се запознаете со родителите и сл. Оваа авантура треба да ви биде само за забава.
- Заштитете се. Воздржете се од сексуални односи со некој што го познавате само една вечер или неколку дена. Најдобро е летната авантура да не вклучува секс, но ако сепак се решите да бидете поинтимни, практикувајте безбеден секс.
- Научете се како да објавите крај. Кога рокот на траење на летната авантура ќе истече, потребно е официјално да ѝ ставите крај. Тоа значи нема разменување на e-mail, нема комуницирање преку Facebook и сл. Кажете му дека си поминавте убаво и не спомнувајте ништо за продолжување на контактите.
