Драматичната промена на трендот кога се во прашање разводите , покажува дека младите мажи се првата генерација мажи кои не се чувствуваат „загрозени“ од паметни и едуцирани жени, односно не се чувствуваат загрозено покрај жени со исто или повисоко образование.
Трендот на врските кои имаат поголеми шанси да се распаднат поради тоа што жената е подобро образувана од мажот исчезнал, и паровите кои се со подеднакво образование сега имаат повеќе шанси за заеднички живот во споредба со паровите во кои мажот е со повисоко образование.
Студијата која ја предводела професорката Кристина Шварц, социолог на Универзитетот во Висконсин, заклучува дека дошло до голем пресврт во однос на поранешните бракови каде мажот беше тој кој е подобро образуван и кој беше задолжен за финансиската грижа за семејството.
Авторите на ова истражување тврдат дека резултатите одат против тврдењето дека се поголемиот број на жени на работни места е лошо за традиционалното семејство.
Истражувањето ја набљудувало среќата на илјада парови кои стапиле во брак во период подолг од 50 години. Браковите кои се склучиле помеѓу 50-те и 80-те години на минатиот век, во кои жената имала повисоко образование од сопругот, имале речиси за една третина поголеми шанси да завршат со развод, во споредба со оние бракови во кои сопругот бил со подобро образование.
Меѓутоа, кај паровите кои стапиле во брак во 90-те години на минатиот век и кај кои жената била подеднакво, или подобро образувана, овој тренд е обратен.
А сите оние кои се венчани во 21 век и кои поседуваат подеднакво образование како и партнерот, сега имаат значително поголеми шанси да останат во среќен брак отколку паровите каде мажот е со повисоко образование.
„Нашите резултати покажуваат голема промена меѓу сопружниците. Браковите во кои жените беа во образовна предност, имаа најголеми шанси да се распаднат, но кај овој тренд во последно време дојде до пресврт. Нашите резултати покажуваат дека стравовите оти образованието на жената негативно ќе влијае на бракот се целосно неосновани“, тврди Шварц.
