After Midnight

Најчестите митови за сексуално-преносливите болести

Во последно време сексуалното образование е нешто за што многу често се зборува со оглед на тоа што младите луѓе на возраст под 25 години се најмногу изложени на ризикот за добивање на сексуално-преносливи инфекции, пишува Independent.

Кои се најчестите митови поврзани со сексуално-преносливите болести во кои младите веруваат?

1. Мит: Единствено луѓето со многу сексуални партнери можат да добијат инфекција

На сексуално-преносливите инфекции не им е важно колку партнери сте имале претходно. Тие можат да се пренесат без кондом преку вагинален, анален или орален секс, преку генитален допир и преку споделување на сексуални играчки, без разлика дали сте имале само еднаш или стопати секс.

Всушност, сексуално-преносливите инфекции не ги погодуваат само младите туку и луѓето над 45 години.

2. Мит: Лесно може да забележите кога некој има инфекција

Повеќето инфекции воопшто немаат никакви знаци ниту симптоми или нема да се појават со недели или месеци, така што заразената личност нема да дознае освен ако не се тестира.

3. Мит: Не треба многу да се грижите за сексуално-преносливите болести

И покрај тоа што медицинските третмани денеска се многу ефективни кога станува збор за оваа тема, сепак е подобро да бидете внимателни и да избегнувате било какво изложување на инфекција. Вирусите како гениталниот херпес и ХИВ можат да бидат лекувани, но остануваат во телото. Исто така има докази дека некои инфекции како гонорејата станува отпорна на антибиотици.

4. Мит: Може да добиете инфекција од тоалетна школка

Инфекциите се пренесуваат единствено преку незаштитен вагинален, анален или орален секс, додека некои како срамните вошки можат да се пренесат преку допир на кожа, споделување на облека, крпи и слично.

5. Мит: Оралната контрацепција може да ве заштити од сексуално-преносливи инфекции

Оралната контрацепција е ефикасна во спречување на несакана бременост, но не и од болести. Единствен облик на контрацепција што може да ве заштити се женските и машките кондоми.

6. Мит: Не може да добиете инфекција преку орален секс

Иако ризикот да добиете сексуално-пренослива инфекција преку орален секс е помал од вагиналниот или аналниот секс, сепак постојат ризици. Некои инфекции многу полесно се пренесуваат преку оралниот секс, најчесто тоа се херпес симплекс, гонореја и сифилис.

7. Мит: Тестирањето е многу болно

Нема потреба да се плашите од тестирање, најчесто станува збор за брзи тестови како земање урина, крв, преглед и слично. Иако можат да бидат малку непријатни, не се болни.

8. Мит: Само хомосексуалците и наркоманите добиваат ХИВ

ХИВ е вирус што се пренесува на повеќе начини меѓу кои е и сексот. Без разлика на сексуалната ориентација и полот, секој кој е сексуално активен е изложен на овој ризик.

9. Мит: Сексуално-преносливите болести минуваат сами од себе

Се разбира дека ова не е точно, туку е потребно лечење со соодветна терапија за да не се влоши здравствената ситуација.

10. Мит: Штом еднаш добиете некоја инфекција веднаш станувате имуни на неа

Постојат можности истата инфекција да се добие повеќе пати, а некои вируси засекогаш остануваат во организмот.

Напиши коментар