Многумина сметаат дека зависноста од секс е измислено нарушување кое што е смислено за да се оправда невообичаеното и промискуитетно сексуално однесување. Но, најновото истражување покажува дека зависноста од секс е вистинска зависност која ги носи сите тегоби кои се вообичаено карактеристични за зависностите.
Научниците првично се потрудиле да се усогласат околу дефиницијата на ова нарушување. Тие заклучиле дека личноста која има чести сексуални односи не е зависник од секс. Но, човек зависен од секс е оној кој има премногу чести сексуални односи и сексот го користи како механизам за соочување со стресот, а притоа сексот влијае на неговото нормално секојдневно функционирање.
Исто така, научниците нагласиле и дека треба јасно да се разграничи сексуалната зависност од честите сексуални односи и гледањето на порнографија. Конечното дефинирање на симптомите ќе им помогне на терапевтите ширум светот поточно да ја одредат зависноста од секс.
Зависноста од секс е навистина сериозен проблем и така и треба да се пристапи кон неговото решавање, истакнале научниците. “Зависниците од секс имаат силно чувство за потреба од секот и тоа чувство станува поважно од се друго. Таквите личности ќе го одберат сексот дури и во ситуации кога таквиот избор може да им донесе сериозни проблеми и штети, како што е губењето на работното место или пак финансиски проблеми”, објаснил Рори Рејд, професор и психолог од Универзитетот Калифорнија, кој воедно бил и водич на истражувањето.
Симптомите на сексуална зависност мораат да траат континуирано барем шест месеци за да може целата ситуација да се смета за нарушување. Исто така, мораат да бидат исклучени и другите физички или ментални болести кои би можеле да предизвикаат слично однесување.
