Според резултатите од новата студија на Националниот институт за еколошки здравствени науки во САД, жените кои ја испираат вагината се двојно подложени на ризик од заболување на рак на јајниците, пренесува New York Daily News.

Станува збор за прва студија што го поврзува ризикот од рак на јајници со хигиенскиот третман вагинално плакнење, хигиенска навика со која се служат милиони жени низ светот. Причината за предизвикување рак на јајници, болест од која заболуваат 20.000 жени и 14.500 умираат секоја година, сè уште се истражува.
Засега е познато дека вагиналното плакнење не е здраво бидејќи ја нарушува вагиналната флора. Ниското ниво на PH вредност оневозможува развивање на различни бактерии, а со редовно испирање може да настане хемиска нерамнотежа во вагината со што станува подложна на инфекции и воспаленија. Затоа се препорачува само надворешно плакнење. Испирањето е поврзано со запаление на карлицата, ектопични бремености, рак на матката, намалена плодност и сексуално заразни болести.
И покрај препораките на докторите, дури 25% од жените на возраст меѓу 15 и 44 години ја испираат вагината.
Истражувањето започнало во 2003 година и во него учествувале 41.000 жени од САД и Порторико. Испитаниците биле на возраст меѓу 35 и 74 години, секоја имала сестра заболена од рак на гради, а сите биле здрави кога биле дел од студијата. Во јули 2014 година кај 154 бил откриен рак на јајник. Жените кои редовно ја плакнеле вагината во текот на годината од започнатата студија биле двојно изложени на ризикот да заболат од рак.
Научниците ќе спроведат ново истражување за да се открие поврзаноста на вагиналното плакнење и ризикот од заболување на рак.
