Free zone

Зошто кучињата се толку среќни кога ќе не видат?

Доколку имате куче, најверојатно сте забележале дека секој пат кога ќе се вратите дома од работа тоа не знае што попрво да направи од среќа. Ќе ве турне на земја, ќе ве бацува, ќе ве гледа упорно и со поглед ќе ви порача: “Каде беше цел ден? Баш ми недостасуваше!”. Но, во што е финтата, зошто вашиот миленик е толку среќен кога ќе ве види?

Научниците сметаат дека го имаат одговорот. Според нив, два фактори се пресудни – кучињата еволуирале од волци и тоа се љубопитни суштества.

Многу пред да станат наши домашни миленици, кучињата биле волци. Волците тогаш, како и денес, се поздравуваат со лижење по лицето.

„За волците лижењето е како ракувањето кај луѓето. Тие исто така знаат и кога некој од членовите на чопорот ќе улови вечера”, објаснува Грегори Бернс, научник кој го проучувал однесувањето на кучињата.

Тој исто така пробал да утврди како кучињата ги гледаат луѓето. Дали не гледаат како уште еден член на чопорот и има ли тука нешто повеќе?

Бернс експериментирал со помош на мириси и утврдил дека кучето посебно реагира на мирисот на својот сопственик.

„Ниту еден друг мирис, дури и на друго куче кое живее со него во куќата, не може да предизвика толкава среќа како кога ќе го мириснат својот сопственик”, вели Бернс и додава дека за кучињата “претставуваме нешто посебно, нешто за што чуваат посебно место во својот мозок”.

Овој научник исто така забележал дека нас кучињата не не сакаат само поради тоа што ги храниме, туку и затоа што уживаат во нашето друштво, како и дека тие се љубопитни, но и помалку љубоморни суштества.

Еве да речеме кога после работа ќе се вратите дома, оној момент кога ќе зачекорите преку прагот, вашето куче ќе полуди од среќа затоа што му било досадно без вас. Меѓутоа, тие исто така горат од желба да дознаат каде сте биле, дали сте биле во контакт со други животни, и секако, дали сте им донеле храна.

Во секој случај, вашето доаѓање дома за кучето претставува невидена радост, бидејќи во секој случај ќе го поздравите и погалите.

Напиши коментар