Потполно е здраво и нормално доколку сакате повеќе време за себе, додека сте во врска. Можеби сте лудо заљубени, но тоа не значи дека сакате или дека треба секоја секунда да ја поминувате со партнерот.
Всушност, потполно е природно понекогаш да посакате да си одвоите време само за себе.
Важноста на личното време
Времето кое го поминувате занимавајќи се со своето хоби и со работите коишто вие ги сакате, важно е, не само за вас, туку и за вашата врска. Привремената разделба може да ве освежи и даде енергија, но ви дава и можност да си недостасувате еден на друг.
Кога сте нон-стоп заедно, некои иритирачки ситници се преувеличуваат, но кога ќе се разделите на кратко увидувате дека всушност тие се мали и неважни ситници.
Оттука, ако понекогаш посакате некои работи да ги правите без партнерот, во тоа нема ништо лошо и тоа сигурно не значи дека нешто не е во ред со вашата врска. Сите сме родени со потребата да се поврзуваме едни со други, меѓутоа и како поединци, без разлика дали сме во врска или не.
Кога сме долго во врска, границите помеѓу Јас и Ние стануваат нејасни, но никако не смеете да се изгубите себеси и да заборавите на себе, бидејќи токму тоа може да произведе проблем. Затоа, за зачувување на секоја врска, важно е секој од партнерите да има и свој личен простор.
Наједноставен начин да добиете време за себе е да отидете на кафе во кафуле, книжарница, да посетите некој неделен курс на некоја, за вас, интересна тема и сл.
Како да се справите со различните потреби за лично време:
– Ако на партнерот му е потребно повеќе време и простор за себе, отколку на вас, пробајте да го пратите неговото темпо, наместо да приговарате. На тој начин, таа потреба помалку ќе ви смета. Потрудете се да ги пронајдете работите кои вас ве интересираат (освен семејството и партнерот) и редовно ангажирајте се околу нив.
– Ако сакате да поминувате време со својата фамилија, а партнерот не ужива во таквите собирања, разговарајте за опцијата тоа да го правите без него, а тој нека ги посетува повремено.
– Слободно разговарајте со партнерот за границите на времето за себе. Ако партнерот сака вечерни излегувања, а вие ги сметате за неприкладни, најдете средина. Излегувајте заедно понекогаш, а партнерот нека се потруди да пронајде активности кои би му биле подеднакво интересни, но во ”попристојно” време.
Како вистинско изненадување за партнерите, може да претставува откривањето на фактот дека партнерите имаат различни потреби за личното време, но прифаќањето на таквата состојба е важен чекор. Најдобар начин е тоа да го правите низ комуникација и меѓусебно разбирање.