Германскиот град Ahlen заплени семејно куче и го продаде за да ги подмири долговите, што предизвика бројни критики.
Законите овозможуваат да се запленат вредни средства како расно куче, изјави претставникот на градот Дирк Шлебес, па Еда беше понудена на продажба преку eBay за 750 евра.
„Добивме нешто пониска цена од бараната и парите беа уплатени во градската каса“, рече Шлебес за ДПА.
И купувачот и семејството кои останаа без кучето се подеднакво незадоволни. Жената која го купи кучето се чувствува измамено, според медиумите, бидејќи животното е болно и третманот е скап.
Новата сопственичка на Еда му се заканува на градот со тужба и бара враќање на средствата, како и исплата на ветеринарните трошоци за окуларната болест од која кучето страда.
Поранешните сопственици на мопсот се незадоволни затоа што им недостасува миленичето.