Free zone

Цигари или наргиле – што е поопасно?

Пушењето наргиле станува сè попопуларно кај младите во светот, па дури и во нашата земја. Повеќето погрешно веруваат дека се во помала опасност доколку пушат наргиле наместо цигари.

За жал, тие многу грешат, бидејќи здравствените експерти тврдат дека чадот од наргилето ги содржи истите токсични материи како и чадот од цигарите. Така, Светската здравствена организација наведува дека поради големиот број вдишувања при пушењето наргиле, длабочината на вдишување чад, како и должината на пушењето, може да има полоши здравствени последици од пушењето цигари. Кога станува збор за бројот на вдишувања и должината на пушењето, консумирањето наргиле трае помеѓу 20 минути и 1 час, а содржи околу 200 вдишувања. Многу повеќе отколку со цигарите. Цигарата се пуши помеѓу 5 и 10 минути, вдишувајќи околу 20 пати.

Мрежата или филтерот што понекогаш се наоѓа во продолжетокот на наргилето, е спротивно на она што обично се мисли, односно не може да ги задржи штетните материи од чадот. Тутунот во наргилето често се збогатува со разни, пријатни вкусови како вкус на јаболка, мед, сливи, поради што потрошувачите погрешно мислат дека не содржи никотин и дека како таков е безопасен за нивното здравје. Вистина е дека пушењето наргиле е во основа пушење тутун, па последиците се слични на пушењето цигари.

Најголема опасност се малигните заболувања, како што се рак на белите дробови, на хранопроводот или желудникот. Пушењето наргиле, исто како и пушењето цигари, може да доведе до зависност од никотин.

Напиши коментар