Фитнес-инфлуенсерот Дмитриј Стужук почина на 33-годишна возраст, поради компликации предизвикани од вирусот КОВИД-19.
Неговата поранешна сопруга Софија Стужук, со која има три деца, ја потврди неговата смрт со обемна објава на Инстаграм.
„Не бевме во добри односи. Имавме проблеми. Но, нашата врска ни даде многу. Доживеавме многу заедно. Бевме тука еден за друг и во добро и во лошо … Јас секогаш ќе ти бидам благодарна за нашите три деца“, започна таа.
„Не сме заедно, но тоа не значи дека ќе ме боли помалку. Жал ми е. Ти благодарам за сè, моја најважна личност, мојот учителу, мој водичу, татко на моите деца“, додаде таа и заврши:
„Ти си нашиот ангел чувар и твојата љубов ќе ги заштити нашите ангели засекогаш. Колку е тешко да се разбере … нека е благословено сеќавањето на тебе, Дима Стужук“.
На почетокот на неделава, Дмитриј објави на Инстаграм дека боледува од Коронавирус веќе осум дена.
„Како што дознавте од Инстаграм објавата, имам Коронавирус. Денес, за прв пат по осум дена, ми се врати ентузијазмот да напишам нешто. Сакам да напишам како се разболев и да ги предупредувам сите луѓе: И јас мислев дека не постои Ковид … сè додека не се разболев“, напиша тој.
Инфлуенсерот се заразил со вирусот додека бил на патување во Турција, а се лекуваше во неговата родна Украина.
Во објавата пред неговата смрт, тој детално ги опиша сите симптоми на болеста и рече дека бил тестиран по враќањето од патувањето.
И покрај тоа што беше пуштен на домашно лекување, неговата состојба се влоши и тој беше пренесен во болница, каде што беше приклучен на апарати за дишење.