Free zone

Клучни правила за нега на лицето во текот на студените зимски денови

Зимата има свои радости, но не и за нашата кожа, којашто се суши и пука под налетите на студениот ветер. Но, освен што првиот нагон ни е да ја турнеме главата во кофа со хидратантен крем, постојат неколку едноставни правила нега на кожата во зима, што вреди да се спроведат.

Зацврстете ја заштитната бариера на вашата кожа
Грижата за заштитната бариера е задача за секоја сезона, но невниманието најмногу се чувствува во зимските месеци. Ако чувствувате дека кожата на лицето е затегната, ве чеша или е дехидрирана, ова се основните знаци дека треба да се додаде чекор во негата на вашата скапоцена кожа, што ќе ги зајакне заштитните бариери, а во оваа борба најважната состојка е ниацинамидот. Дерматологот д-р Тиви Марутапу, објасни за Вог дека препаратите што содржат ниацинамид „го стимулираат формирањето на церамиди, имаат антиинфламаторно дејство и се спротивставуваат на нерамномерната пигментација“. Препаратите што содржат церамиди, липиди и побогати креми кои ја одржуваат кожата хидрирана го имаат истиот ефект.

Намалете го пилингот
Кога ќе видиме како нашата кожа се лупи, нашиот природен импулс може да биде да направиме една фина темелна ексфолијација за да го отстраниме вишокот кожа. Но, немојте. Ова дополнително ќе ја сруши заштитната бариера и ќе доведе до дополнителни проблеми со кожата. Марутапу вели: „Јас генерално препорачувам да ја намалите фреквенцијата на пилинг на еднаш или двапати неделно и да избегнувате комбинација на физички пилинг како што се грануларни гелови и хемиски пилинзи, како алфа или бета хидрокси киселини, бидејќи тоа може да доведе до црвенила и иритација, особено ако користите ретиноиден производ.

Зголемете го внесот на антиоксиданти
Еден од најголемите предизвици во текот на зимскиот период се постојаните „скокови“ на температурата што можат да бидат навистина деструктивни за нашата кожа. Но, поминувањето време внатре без свеж воздух може исто така да биде проблематично: „Рециклираниот воздух има повеќе токсини отколку надвор, а централното греење извлекува вода од воздухот што исто така црпи вода од кожата“, објаснува Томас, кој е голем љубител на овлажнители во просториите каде што ние поминуваме најмногу време. Подеднакво важна е и нега на кожата богата со антиоксиданси затоа што и помага на кожата против микро-токсини предизвикани, од рециклиран воздух, како и против оние кои доаѓаат од надворешно загадување на воздухот, што се многу реални закани, дури и во среде зима. Побарајте состојки како витамин Ц, витамин Е, ресвератрол и ниацинамид.

Витаминот Д е неопходен
Деновите се пократки, сонцето се пробива низ сивите слоеви, а телото ги троши оние вредни залихи на витамин Д што ги имаме акумулирано во текот на летото. Витаминот Д е важен за низа работи, вклучувајќи го и здравјето на нашата кожа. Томас вели: „Витаминот Д е клучен за заштита на кожата. Воспалителни нарушувања како акни и егзема, често се активираат токму кога ни недостасува витамин Д. ”Покрај тоа, дефицитот на витамин Д може негативно да влијае на нашето расположение и да предизвика дополнителни хормонални нерамнотежи, што дополнително значи дека нашата кожа ќе биде подложна на проблеми. Затоа, впивајте го сонцето колку што можете, но не заборавајте да надополните со витамин Д!

Напиши коментар