На сите нас ни е добро познато дека квалитетниот сон е клучен за одржување на доброто здравје и дека тоа подразбира доволно сон.
Сепак, што е со оние луѓе кои не само што имаат доволно сон, туку и спијат подолго отколку што треба?
Истражувач и доктор од Центарот за спиење и невробиологија, д-р Мајкл Гранднер, од Пенсилванија, вели дека предолгото спиење може да биде знак на сериозни здравствени состојби, а прекумерната потреба за спиење е поврзана и со проблеми со менталното здравје, како што се анксиозност и депресија.
Колку спиење е премногу?
За возрасно лице, кое е над 18 години, најдобро е да спие помеѓу седум и осум часа, вели д-р Гранднер.
Нарушувања и здравствени состојби, коишто можат да бидат предизвикани од зголемената потреба за спиење се:
Идиопатска хиперсомнија: Прекумерна дневна поспаност (ЕДС) предизвикува и голема потреба за сон во текот на денот, што нема да биде задоволено со дневна дремка. Често е придружено со недостаток на енергија, проблеми со фокусирање и слаба меморија. Луѓето со хиперсомнија често имаат потреба од десет до 12 часа сон.
Опструктивна апнеја при спиење: Ова нарушување на спиењето предизвикува започнување и запирање на дишењето за време на спиењето, што го нарушува нормалниот циклус на спиењето и го продолжува времето на спиење.
Депресија: Хроничниот замор е еден од најчестите симптоми на депресивно растројство, а антидепресивите исто така можат да предизвикаат екстремна поспаност.
Нарколепсија: Несовпаѓање на РЕМ фазата и прекумерна поспаност честопати ги тера луѓето со нарколепсија да спијат многу подолго отколку што треба.
Срцеви заболувања: Постојаниот замор може да биде знак за срцеви заболувања. Имено, неможноста на срцето ефикасно да пумпа крв може да доведе до слаба циркулација, ниска енергија и хроничен замор.
Проблеми со тироидната жлезда: Нарушувањата во тироидната жлезда можат да ја намалат енергијата и да го нарушат спиењето и расположението. Хипотироидизам на тој начин предизвикува летаргија, депресија и замор, додека хипертироидизмот предизвикува немир, раздразливост и отежнато спиење.
Премногу сон може да предизвика или влоши одредени нарушувања, како што се: дебелината, дијабетесот, болки во грбот, главоболки, па дури и поголем ризик од мозочен удар.
Шестгодишно истражување во кое учествувале 31.750 возрасни лица, со просечна возраст од околу 63 години, открива дека оние кои спијат повеќе од осум часа, имаат 23% поголеми шанси да страдаат од мозочен удар од оние кои спијат меѓу седум и осум часа.
„Ако сè уште сте поспани и по цели осум часа сон, можеби не сте поминале доволно време во длабок сон или РЕМ фаза. Познато е дека оваа фаза на спиење е најнестабилна, бидејќи е одговорна за неколку витални функции: поправка на мускулното ткиво, правилна функција на мозокот и добра меморија. Не спијте повеќе од осум часа, а ако навистина морате, дремнете попладне“, објаснува д-р Гранднер.