Blackpink моментално е една од најпопуларните женски поп-групи во светот, со над 54 милиони претплатници на YouTube, спотови што се прегледани милијарди пати и бројни хитови. Иако тие дебитираа пред четири години, во меѓувреме настапуваа во Коачела и соработуваа со познати имиња, како што се Селена Гомез, Дуа Липа и Лејди Гага, а неодамна го објавија својот прв целосен студиски албум.
Во меѓувреме, за нив започна да се прикажува документарец на Netflix пред неколку дена, создаден под режисерската палка на Каролин Сух, во кој тие се прикажани, не само како поп-сензација, туку и како поединци кои мораа да жртвуваат многу за да го добијат своето место на врвните листи.
Blackpink ја сочинуваат Корејката Јисоо, на која, бидејќи е најстара, и се обраќаат со „уни“ (постара сестра), Тајландката Лиза, Џени, која од својата осма година живее на Нов Зеланд и Роуз, која своето детство го поминала во Австралија и Нов Зеланд. Во своите рани тинејџерски години, тие ги напуштиле своите семејства, градови, па дури и континенти да дојдат во YG Entertainment, еден вид на инкубатор за идни поп-везди.
Филмот покажува дека самото доаѓање под покровителство на продуцентска куќа не гарантира успех, а талентот не е доволен; силната волја и упорност се неопходни. Поминаа години и години на дневна обука, 13 дена по ред, по 14 часа на ден, со само еден ден пауза и редовни настапи каде постепено бираа изведувачи кои ќе останат во програмата и оние што ќе заминат, сè додека конечно не останаа тие четири. Тие признаваат дека постои голема конкуренција во тој свет, но исто така кога секој ќе го разбере своето место и не се залага да биде единствениот во центарот на вниманието, се случува синергија. Blackpink е верзија на „girl power“ за новиот милениум што промовира сестринство и солидарност, а тоа го покажуваат и од начинот на кој се грижеа една за друга уште за време на училиштето, додека покрај очекуваната носталгија за домот и осаменоста, постоела и јазична бариера.
Но, како заеднички именител околу кој секој може да се согласи и за кој сметаат дека нема граници е модата. Тие имаат големо искуство во оваа област бидејќи покрај тоа што работат заедно на костуми за настапи, тие се модни амбасадори на Chanel, Dior, Celine и Saint Laurent.
И покрај нивната светска слава, тие изгледаат многу скромнo и приземно, особено кога зборуваат за нивната иднина. Свесни дека некој помлад и поинтересен секогаш може да дојде и дека славата е минлива, тие фантазираат за патување низ светот, живеење во различни градови и за евентуален comeback, што знаат дека би бил голем предизвик, бидејќи изведувањето на денешните кореографии би било потешка задача во позрелите години.