Free zone

Кожна јакна: Историјата на едно од најпопуларните модни парчиња

Кожните јакни денес се насекаде, ги преминаа сите бариери, престанаа да бидат униформа на бунтовниците, се искачија на модните писти и влегоа во класичната лига, задржувајќи притоа само мала доза на бунт. Денес, кожните јакни се толку популарни, широко распространети и прилагодливи на различни стилови што веќе долго време ги нарекувавме безвременско парче, очекувајќи само мала промена од сезона во сезона, било да се направени од вистинска кожа или материјали што ја имитираат. Трендовите доаѓаат и си одат, но кожните јакни се скоро секогаш „ин“. Но, овој модерен предвесник на пролетта има бурна и богата историја, вткаена во нејзините рабови, којашто помина долг пат, од борбени авиони, преку грбот на мото-бандите, фетишисти, подземни геј групи, бројни субкултури и нивните музички и филмски херои, па сè до модните писти. Денес, кожните јакни повеќе никој не ги доживува како дрски и забранети, напротив, станаа дел од нашето секојдневие и број еден модно парче во сечиј гардеробер.

Кожната јакна ја започнува својата одисеја како функционална облека. За време на Првата светска војна, германските воени пилоти носеле црни кожни јакни со ремен и двојно закопчување, како дел од униформата што ги загревала во студените пилотски кабини на борбените авиони. Но, вистинската приказна за кожната јакна започнала да се пишува малку подоцна. Кога во 1913 година, Ford Model T започна да ги затрупува веќе пренатрупаните улици во Њујорк, двајца браќа тргнаа во заедничка авантура да го исполнат американскиот сон. Синовите на руските имигранти, Ирвинг и Џек Шот започнале модна авантура во нивниот подрум на источната страна од Менхетн, шиејќи мантили што ги продавале на некогаш популарен метод од врата на врата, во обид да ја развијат својата идеја од милион долари. И покрај напорот и визијата, мантилите не му обезбедиле на семејството Шот доволно пари. Ирвинг Шот ја пронајде „златната вена“ во 1928 година кога фирмата Beck Industries, тогашен застапник на Harley-Davidson, го ангажирала да дизајнира јакна за мотоцикл што ќе издржи екстремни временски услови. Заинтригиран од нарачката, Шот, по многу пребарувања за идеално решение, пронашол инспирација во униформата на германските воени пилоти, но тој многу ја скратил својата кожна креација и додал револуционерен моден додаток – патент.

Јакната го добила името Perfecto по омилената цигара на Ирвинг и оп – ѕвездата е родена! Beck Industries им ја продавале јакната на моторџиите за 5,50 долари, и таа брзо станала симбол на слободата, авантурата и живеење на работ, сè она што претставува „гориво“ за љубителите на возило со две тркала.

Јакната била полн погодок, а Шот потпишал неколку многу профитабилни договори. Во следните шеесет години, Шот ја облекувал американската морнарица со мантили, военото воздухопловство во кожни бомбардери, а полицијата со јакни за на мотор. За време на војната, Perfecto возеше на крилјата на слободата, трчаше по отворените патишта, но Шот сепак ја продавал својата кожена моторџиска јакна на многу тесна, ограничена публика. Приказната добива драматичен тек во 1953 година, кога на екраните се појавил еден млад холивудски одметник Марлон Брандо, кој го толкувал ликот на неверојатниот Џони Стаблер во „Дивјак“. Нереално убав и непобедливо кул, Брандо преминуваше милји на бескрајно долгите американски автопати без да се грижи за законите или здодевните правила. Неодоливото лошо момче од педесеттите години, во Perfecto јакна со sвезди и извезено име Johnny на неговото рамо, стана симбол на една сосема нова контракултура што ја величеше нагласената мажественост и ги идолизираше озлогласените банди на бунтовници со мотори.

Рокенрол движењето ја направи кожната јакна своја униформа, а исто така и панк субкултурата, веќе озлогласениот симбол на младите бунтовници, ја направи уште повеќе „badass“ со додавање шилци, навртки и ланци на неа. „Badass“ стилот кој не се грижи за правилата на конзервативното општество го негуваа многу музички sвезди како Ramones, Sex Pistols, Duran Duran и многу други, особено под лупата на јавноста беа женските икони, како што се Debbie Harry или Joan Jett кои присвојувајќи типично машкa облека и бунтовен став, феминистички ја промовираа еднаквоста.

Во 1980-тите, кралицата на провокацијата, Мадона, носеше кожна јакна, пеејќи ја „Papa don’t preach“. Но, откако светот ги преживеа декадентните 1980-ти, добра доза на шок се изми од кожната јакна и таа престана да биде симбол на живеење на работ на законот и лошите момци кои сакаа да бидат одметнати бунтовници, како Марлон Брандо и Џејмс Дин. Кожната јакна беше насекаде во 90-тите години на минатиот век – од музичките спотови, преку филмови до ток-шоуа доцна во ноќта со досадни соговорници.

Кожната јакна и ја должи својата популарност на нејзината функционалност, но можеби во неа сè уште е вткаена мала доза мистика, мал зрак на бунтовност, тој среден прст на системот, што ја прави толку проклето привлечна.

Напиши коментар