Велур тренерки, златни торби и мобилни телефони на преклоп дефинитивно не се нешто од нашето минато за кое жалиме (освен кога се подготвуваме за тематска забава), но сакале или не, модата од 2000-тите дефинитивно се враќа. Парчиња со крзнени детали, минијатурни здолништа и дебели ремени веќе ги преплавија продавниците, а Ким и Парис се погрижија да го тргнеме правот од таа стара плишана тренерка која демнеше на дното на плакарот веќе дваесет години. Или уште подобро, да купиме нова од колекцијата „Skims“.
Облечени во плишани тренерки, како што носеа на почетокот на својата слава, Ким и Парис направија серија промо фотографии во “папарацо” стил, кои се објавени на Инстаграм профилот на брендот на Ким Кардашијан. Можеме да ги видиме Ким и Парис Хилтон како шетаат низ паркингот во меки велурни тренерки, со златни и сребрени чанти од Луј Витон и мобилни телефони украсени со светкави циркони. Колекцијата содржи тренерки, палта и пижами во четири бои, со продажба започнува на 21 ноември, а уште денес можете да се регистрирате на листата на чекање на „Skims“ сајтот.