Сега е и официјално: Џеси Нелсон ја напушти групата “Little Mix” по 9 години.
Ова го потврдија девојките од бендот, преку објава на профилите на социјалните мрежи.
„По одлични 9 години заедно, Џеси одлучи да ја напушти групата. Ова е неверојатно тажен момент за нас, но ние целосно ја поддржуваме. Многу ја сакаме и се согласуваме дека е важно да го направи она што е најдобро за неа и за нејзината благосостојба, како и ментално здравје “, стои во соопштението.
Девојките изјавија дека продолжуваат како трио.
„Знаеме дека многумина ќе бидат вознемирени од оваа вест. Ве сакаме и ви благодариме за довербата и континуираната поддршка. Ве очекуваме на турнеја “, додадоа тие.
Веднаш по објавувата на групата, и Џеси даде изјава, во која наведува дека направила работи со групата за кои само можела да сонува.
„Вистина е дека фактот што сум дел од бендот, во последно време, значително влијаеше на моето ментално здравје. Тешко ми беше да го издржам притисокот да бидам во женска група и притисокот да морам да ги исполнувам очекувањата. Доаѓа време во животот кога треба да се грижиме за себе, да се правиме среќни и сега е време да го направам тоа“.
Откако им се заблагодари на обожавателите, таа испрати посебен поздрав до нејзините колешки од групата.
„Најмногу сакам да им се заблагодарам на Џејд, Пери и Ли-Ана, кои се дел од некои незаборавни спомени. Се надевам дека ќе продолжите да ги исполнувате вашите соништа и ќе продолжите да создавате музика што луѓето ја сакаат“, заклучи Џеси.