Free zone

Постојат девет видови на интелигенција: Проверете кој вид го поседувате вие!

Кога ќе го слушнете зборот „интелигенција“, веројатно веднаш помислувате на тестирање на IQ нивоата. Интелигенцијата е најчесто опишана како интелектуален потенцијал, нешто со кое сте родени, што може да се мери и не може да се менува.

Сепак, почнувајќи од психологот Хауард Гарднер, кој го воведе концептот на Теоријата на повеќекратната интелигенција во модерната психологија, се повеќе негови колеги се согласуваат дека треба да се надмине традиционалното сфаќање, за тоа дека постои само една интелигенција и едно ниво на интелигенција, и дека овој начин на размислување е премногу рестриктивен.

Оваа теорија, прв ја изложи Гарднер, во својата книга „Frames of Mind: Тhe Theory of Multiple Intelligences“, каде што тој истакнува дека сите луѓе имаат различни видови интелигенција.

Не постои една, општа. Американскиот психолог издвои осум од нив, деветтата ја предложи како можна, а ја дефинира интелигенцијата како способност за решавање проблеми и создавање производи што се ценети во една или повеќе културни рамки.

  1. Визуелно-просторна интелигенција

Овде е јасно дека се потенцира моќта на визуелизацијата, а поединците кои ја имаат се издвојуваат во проучувањето на мапи, графикони, видеа и фотографии. Тие уживаат во читање, пишување, сликање, цртање, составување загатки и слични задачи.

Сакаат да го набљудуваат светот околу нив и да наоѓаат интересни работи во него и обично имаат силна имагинација. Идеални занимања за нив се: архитект, уметник, кореограф.

  1. Вербално-јазична интелигенција

Луѓето кои поседуваат ваков вид интелигенција се добри во користење и артикулирање на зборови, пишување, зборување и имаат добра меморија. Тие сакаат да пишуваат приказни, да читаат, да водат дебати, да користат хумор, детално да објаснуваат работи… Сите овие доблести се главната сила, пред сè, на новинарите и писателите, правниците, наставниците и професорите.

  1. Логичко-математичка интелигенција

Одлични вештини за решавање проблеми и сложени пресметки, уживање во размислување за апстрактни идеи, проучување на научни експерименти – научници, математичари, програмери, инженери, сметководители, економисти, лекари, сите тие се горди на овие квалитети.

Нивна омилена забава се загатки и ребуси. Наместо со зборови, тие размислуваат во бројки.

  1. Телесно-кинестетичка интелигенција

Овој вид на интелигенција се изразува кај луѓе кои се движат хармонично, се чувствуваат пријатно во своето тело и го користат за да се изразат на различни начини.

Најчесто ја поседуваат танчерите, спортистите и актерите, како и оние кои сакаат да работат со свои раце и да се занимаваат со активности како што се моделирање, конструкција и поправки. Тие имаат одлична физичка координација и имаат тенденција да ги памтат нештата додека работат.

  1. Музичка интелигенција

Јасно е дека ја поседуваат музичари, пејачи, композитори, наставници по музика и сите оние кои добро го чувствуваат ритамот и звукот. Тие уживаат во пеењето и свирењето, лесно препознаваат тонови и музички обрасци, лесно паметат песни и мелодии, имаат изразено ниво на разбирање за музичките структури, ритамот и нотите.

  1. Интерперсонална интелигенција

Карактеристиките поврзани со овој тип се: добро разбирање на другите и интеракција со нив, проценка на емоциите, мотивите, желбите и намерите на луѓето од околината. Поединците кај кои е развиен овој вид на интелект, се претежно психолози, филозофи, советници, политичари.

Тие имаат одлични комуникациски и невербални вештини, ги набљудуваат ситуациите од различни агли, создаваат позитивни односи со луѓето и се добри во решавање на групни конфликти.

  1. Интраперсонална интелигенција

Луѓето кои се интраперсонално интелигентни, главно се свесни за себе, за своите доблести и недостатоци – тие се поврзани со интроспекцијата и саморефлексијата. Често знаат да бидат повлечени и да поминуваат време во самотија, кога се анализираат себеси, околината, теориите, идеите. Пред сè, тоа се филозофи, писатели, теоретичари или научници.

  1. Натуралистичка интелигенција

Овој вид е најновиот додаток во теоријата на Гарднер и е дочекана со поголема отпорност од претходните седум. Според Гарднер, поединците кои се истакнуваат тука се повеќе во склад со природата отколку другите и често се заинтересирани за зачувување и истражување на животната средина и учење за другите видови.

Тие се многу свесни за суптилните промени во нивната околина. Сакаат да останат во природата, да ја набљудуваат, да анализираат растенија, животни, минерали и најчесто тоа се биолози, екологисти, градинари, земјоделци и готвачи.

  1. Егзистенцијална интелигенција

Деветтиот, според самиот Гарднер, е можен, но не и загарантиран вид на интелигенција. Го поседуваат луѓе кои сакаат да размислуваат за филозофски прашања, за смислата на животот и постоењето и за сè што го сочинува животот, воопшто. Најчесто ја поседуваат оние кои им припаѓаат на филозофските и религиозните кругови.

Напиши коментар