Бескрајно елегантни, впечатливи, убави, пријатни, заштитуваат од дожд … има ли нешто друго што можеме да кажеме за шеширите што ќе ги направат уште попосакувани оваа есен? Факт е дека овој ноември „федора“ и „панама“ крстарат по улиците, а подеднакво ги обожаваат и дамите и господата.
Шеширите срамежливо се враќаa на модната сцена уште од пред две години, но во оваа 2020 година, заблескаа со полн сјај, а сега секој трендовски аутфит не може да се замисли без овој импресивен додаток.
Овие два модели можат да одговараат на сечие лице, но важно е да се обрне внимание на некои работи. Помалите модели подобро одговараат на помало лице. Ако лицето ви е широко и шеширот треба да има широк раб, бидејќи помалите шешири на широко лице прават да изгледа уште пошироко, додека големиот раб дополнително визуелно ќе го намали.
Бојата на шеширот секогаш можете да ја прилагодите на вашата гардероба, а оваа година се особено популарни моделите во боја на вино, како и неутралните, сиви нијанси.
Едно од старите правила е дека дамите никогаш не ги тргале шеширите кога се наоѓале во затворен простор, бидејќи се сметало дека после тоа фризурата може да се расипе. Сега е малку прилагодено на околностите и им се остава многу простор на припадничките на понежниот пол самите да одлучат, сè со цел да се чувствуваат пријатно и опуштено.
Одлично се комбинираат со палта, мантили и елеци. Му даваат специфичен вкус на секое парче облека. Сепак, не треба да ги комбинирате со пердувести јакни. Некои правила не вреди да се прекршуваат, бидејќи самата модна комбинација, барем според мислењето на експертите, ќе изгледа невкусно.