Негуваните раце и уредните и убави нокти, се една од работите што многумина најпрво ги забележуваат кај жената. Врз основа на ова, често се проценува колку жената се грижи за себе и навистина, ретко што може да ја расипе дури и најдобрата модна комбинација, како неуредните нокти.
За голем број жени, гел-лакот е најдоброто решение, сепак, не секој има време или пари да му ги препушти рацете на професионалец, најмалку двапати месечно.
Маникир може да се направи и дома со малку вештина, а тука е чекор-по-чекор рецептот за да добиете убави нокти.
Должина
Прво, доколку е потребно, скратете ги ноктите до саканата должина, а потоа истурпирајте ги. Обавезно проверете дали секој нокт е рамен, за да не се доведете во ситуација да мора да завршите со маникирот, а потоа да сфатите дека некој нокт се издвојува од останатите.
Масло за кутикули
Ги има многу на пазарот, со различни цени, формули и начини на примена, така што лесно ќе најдете некој што ви одговара. Нанесете го маслото и оставете го да стои на вашите раце најмалку десет минути.
Кутикули
Откако маслото ќе ја „заврши“ својата работа, земете дрвен стап за кутикулите и нежно притиснете навнатре. Доколку има реална потреба за скратување, внимавајте да не сечете подлабоко отколку што е потребно. Во принцип, избегнувајте сечење секогаш кога можете, бидејќи кутикулите формираат природна бариера и спречуваат размножување на бактериите.
База
Ова е особено важен чекор за сите жени кои имаат кршливи нокти. Пред да нанесете боја, задолжително ставете ја основата, а пред тоа, проверете дали немате масла, креми или нечистотии на ноктите. Преку нив може да поминете со памучна волна натопена во ацетон, за да ја отстраните целата маст бидејќи така лакот ќе трае многу подолго.
Лакирање
Секој има своја техника на нанесување боја, но едно е сигурно – сакаме целосна боја, без никакви премини надвор од површината на ноктите.
Обидете се со ова: потпрете ја четката на долната третина од ноктот, а потоа кога е целосно рамна и раширена, нежно турнете ја кон коренот на ноктот. Обично два такви потези се доволни. Откако првиот слој ќе се исуши малку, додадете го вториот.
Ако имате „грешки“ после тоа, земете стапче за уши натопено во ацетон и нежно исчистете, внимавајќи да не го оштетите ноктот.
Последниот слој
Не прескокнувајте го последниот слој, бидејќи маникирот ќе трае подолго и ноктите ќе добијат сјај како да имате гел лак. Исто така, последниот слој ќе овозможи лакот побрзо да се исуши, што е многу значајно.