After Midnight

Што е љубовно бомбардирање?

Се чини дека нема полошо нешто од тоа да бидете единствената заљубена страна во врската, или од тоа да имате некој „дух“ кој ве прогонува или од тоа да учествувате во една од сè почестите „Тиндер“, хорор приказни, кадешто на крајот се чувствувате како ѓубре. А, само сакавте да ја пронајдете љубовта на вашиот живот!

Ве предупредуваме дека има и полошо од ова, а најголемиот проблем е што ќе ви се чини дека е најдоброто нешто што ви се случило во последно време! Замислете дека среде таа мрачна и темна потрага по „вистинскиот“ во клубовите, на Тиндер или во маалската продавница, одеднаш среќавате некој што ве опсипува со целото внимание што отсекогаш сте го посакувале, ви испраќа безброј емотикони со срца и конечно ви се чини дека најдовте некој што навистина ве почитува. Нормално е дека сме екстремно ентузијастични кога се вљубуваме, но ако мислите дека сè оди премногу брзо и дека таа љубов е малку опсесивна, би можело да се работи за љубовно бомбардирање.

Љубовната бомба може да звучи како нешто за што веднаш би се пријавиле, но всушност тоа е нарцисоидна шема на однесување насочена кон манипулирање со другата личност преку љубов и внимание. Звучи застрашувачки и збунувачки? Да, затоа што е така.

Што да направите ако мислите дека ви се случува љубовно бомбардирање? Не смеете да го игнорирате фактот дека ова е сериозен обид за психолошка манипулација. Иако е можно да сте веќе приврзани за таа личност, единствената правилна одлука е да побарате безбеден излез од ситуацијата (луѓето кои се склони кон вакво однесување честопати се агресивни, особено ако доживеат отфрлање) и да ја потврдите вашата вредност надвор од таа нездрава врска. Не двоумете се да направите што е потребно – прекинете се со нив, престанете да ги следите на социјалните мрежи, блокирајте повици и побарајте поддршка од пријателите. Љубовните бомбардери обично не се менуваат, но ако сметате дека ваквиот потег е премногу радикален, испробајте ја реченицата „Мислам дека сето ова оди премногу брзо, можеби треба да поминеме малку помалку време заедно“ за да можете да видите како тие ќе реагираат.

Напиши коментар