Celebrity

Старите цртани филмови и нивниот придонес во создавањето на културни и писмени генерации – Еве какво значење имаа „Душко Долгоушко“ и „Том и Џери“ за сите нас!

Генерацијата која порасна гледајќи стари цртани филмови како оние од продукцијата „Warner Bros.“, прерасна во културна и писмена генерација, пишува авторката Ени Холмквист за порталот „Intellectual Take Out.“

Овие цртани филмови им овозможија на децата повеќе од забава. Тие ги запознаа со клучните референци на општата култура, особено во областа на литературата и музиката.

Од Душко Долгоушко, децата можеа да научат за приказната на Стивенсон за Џекил и Хајду, да слушнат цитати и да видат сцени од драмите на Шекспир, а тешко е да се најде класично музичко дело кое не се користело како позадина за одредени цртани филмови од тоа време.

Секојдневно слушајќи ги рапсодиите на Лист и валцерите на Шопен, засекогаш ги врежаа овие мелодии во мозокот на децата.

Цртаните филмови полни со цитати од класичната уметност им дадоа на децата рамка, почетна точка за подоцнежно разбирање на литературата и музиката, дури и кога децата не би ги добиле тие основи на училиште, верува таа.

За разлика од нив, цртаните филмови денес не ги насочуваат децата да ги откриваат културните богатства на претходните генерации, туку се исклучиво насочени кон фантазијата или сегашното време.

„Ниту училиштата, ниту карикатуристите денес не пренесуваат факел од знаење и културна писменост. Дали е тоа една од причините за апатијата и површноста на модерната генерација? “, се прашува авторката.

Напиши коментар