Celebrity

Запознајте ја жената којашто стои позади визуелниот изглед на популарната пејачка Бијонсе

Родена во мал град во државата Мериленд, со сегашно живеалиште во Лос Анџелес, оваа стилистка го остварува својот американски сон. Имено, Зерина се најде под лупата на модната јавност затоа што токму таа ги дизајнираше повеќето креации за визуелниот албум на Бијонсе, Black is King. Оваа амбициозна жена го усовршила занаетот во престижниот магазин W, каде што, како што признава и самата, била една од двете црни жени во канцеларијата, што до одреден степен е причината за обликувањето на нејзиниот африкански печат, кога е модата во прашање.

„После долги стажирања, хонорарни активности, помагање, сето тоа се исплатеше на крајот, поточно кога пред шест години добив можност да работам со Бијонсе. Мојата приказна е класична успешна приказна, преку трње до sвезди, со многу крв, пот и работа“, изјавила Акерс за американскиот Vogue.

Кога ја започнаа нивната соработка, уште во далечната 2014 година, двете успеаа да го заинтригираат модниот свет со серија објави на Инстаграм, кадешто г-ѓа Картер, во стилот на супермодел, изведува пози додека им дава на обожавателите увид во нејзиниот луксузен моден стил, укажувајќи на необичните детали како накит, разновидни прстени и впечатливи ткаенини. Соработката продолжи со снимањето на спотот за песната „Formation“ за да кулминира за време на создавањето на визуелниот идентитет за албумот Black is King. Еден вид hommage на африканскиот континент е јасно видлив во сите костуми и креации што се појавуваат во самиот филм, а најзаслужна за тоа е стилистката Зерина Акерс. Низ целиот филм може да се видат комбинации кои не се слични на она што Бијонсе го носела порано. Мачкасто одело на Алесандра Рич, фустан на Мери Катранзу, корсет на Бурбери со животински принт, се само дел од потписите што ги среќаваме во текот на филмот.

Се на се, важно е да се нагласи дека Акерс решила да обрне внимание на помалку познатите креатори и дизајнери во филмот, па Бијонсе можеме да ја видиме во создавањето на косовскиот бренд Kyuta & Meri, а се појавија и имиња на разни афро-американски дизајнери. Фактот дека пет лица работеле повеќе од 300 часа за да создадат мачкесто Versace одело, доволно зборува за тоа колку бил напоред процесот на создавање на ова визуелно ремек-дело. Стилистката не остава ништо на случајноста, па Бијонсе се појави во повеќе од сто модни комбинации, водејќи ги гледачите низ модно-филмско-културно визуелно патување.

Самата стилистка била навистина изненадена од бројните позитивни реакции по објавувањето на филмот. „Не бев подготвена. Сега кога е објавено, верувам дека ќе послужи како референтна точка за уметноста, во којашто централниот акцент е ставен на истакнувањето на „црната“ убавина, сега е дел од историјата, а тоа ме остава без зборови “, нагласи Акерс.

Напиши коментар