Celebrity

Анџелина го продаде подарокот од Бред по рекордна цена

Пејзажот од Мароко од Винстон Черчил, кој беше во сопственост на Анџелина Џоли, беше продаден на аукција за повеќе од 11,5 милиони долари, што е нова рекордна цена за слика на британскиот премиер од времето на Втората светска војна.

Сликата „Кула џамија Кутубија“ беше продадена во лондонската аукциска куќа Кристи за 8.2855.000 фунти или 11.590.715 долари, иако нејзината вредност пред аукцијата се проценуваше од 1,5 до 2,5 милиони фунти.

Претходната рекордна цена за едно од делата на Черчил беше нешто помалку од 1,8 милиони фунти.

Анџелина го продава подарокот од Бред Пит, за кој ќе заработи милиони.

Сликата на џамијата во Маракеш од 12 век во самрак, со планините Атлас во позадина, е дело што ја отсликува и политичката и холивудската историја.

Единствената слика што ја заврши Черчил за време на Втората светска војна е направена по конференцијата во Казабланка на 23 јануари 1943 година, на која тој го планирал поразот на нацистичка Германија со тогашниот претседател на САД, Френклин Д. Рузвелт.

Двајцата лидери го посетија Маракеш по конференцијата, а Черчил му ја подари сликата на Рузвелт како спомен на тоа патување.

Синот на Рузвелт ја продал сликата по неговата смрт во 1945 година, а таа сменила неколку сопственици пред Анџелина Џоли и Бред Пит да ја купат во 2011 година.

Двојката се разведе во 2016 година, а разводот заврши во 2019 година.

Сликата е продадена од семејната колекција на Џоли, а купувачот сè уште не е познат.

Напиши коментар