Оние малку повозрасни (или кои сакаат да гледаат постари серии) се сеќаваат како изгледаа компјутерите на „Apple“ на почетокот: тие доаѓаа во различни бои и необични форми, пред да одлучат да ја унифицираат (досадната) сива и бела боја.
За сите нас кои ги обожаваме боите, Apple вчера претстави серија нови iMac во дури седум живописни бои: има зелена, жолта, портокалова, црвена, виолетова, сина и стандардната сива.
И спецификациите покажуваат дека тие не само што се убави за око, туку се и технички добри: компјутерите вклучуваат чип „Аpple“ М1, 24-инчен ретино-екран со 11,3 милиони пиксели и над милијарда бои, 1080p Facetime камера, микрофон и шест звучници. Внатре има и 8 GB RAM и 256 GB простор.
Како што велат од Apple, овој компјутер е доволен за монтажа на 4K видеа, но и други, секојдневни активности како сурфање на Интернет.
Иако продажбата во Македонија сè уште не е најавена, цената на основниот модел во САД е 1299 долари.