Љубов… Таа вечна енигма, магнет што нè привлекува, енергија што го придвижува целиот Универзум. Што е љубовта? Каква љубов постои? Не сакаме да бидеме претенциозни дека некогаш можеме да ја анализираме или објасниме, но ајде барем да ѕирнеме во таа бесконечна оаза на радост во животот.
- Ерос
Првaта е Ерос, страсна љубов, именувана по грчкиот бог Ерос, кој владеел со страста. Ерос, како прв вид на љубов, се дефинира како божествена љубов и копнеж, најинтензивен вид љубов што често се поврзува со младоста или со нашата прва голема љубов.
Ерос се создава од желба и сексуална привлечност. Античките Грци најмногу се плашеле од овој вид љубов затоа што сметале дека е опасна и дека нејзината моќ може да нè уништи.
- Филија
Вториот вид на љубов е Филија, братска sљубов, искрена, платонска, што ја чувствуваме кон нашите браќа и сестри или кон најдобриот пријател.
Филија била повеќе ценета и вреднувана од Ерос, бидејќи тие верувале дека Филија имала моќ да подига и да гради кралства. Таа постои онаму каде што луѓето разбираат, почитуваат и имаат сличен систем на вредности и мислења.
- Лудус
Трет вид на љубов е Лудус, љубов произлезена од возбуда, каде што играта, флертувањето, забавата, малку детското однесување, невиноста, танцувањето и гласната смеа го исполнуваат просторот и времето.
Денешните млади генерации, кои брзо се среќаваат и лесно растат, се запознаваат преку Тиндер и слични апликации, го оживуваат и го враќаат Лудус во нашето модерно општество. Лудус е состојба на љубов каде живееме целосно во сегашниот момент, не размислувајќи за тоа што може да се случи во иднина.
- Прагма
Наспроти Лудус е четвртиот вид на љубов наречена Прагма, што буквално значи да се застане и да се остане во љубов. Во сите други видови на љубов, ние велиме дека кога ќе се за заљубиме, ние паѓаме во состојба на заљубување (falling in love).
Прагмата е долготрајна љубов, како зимзелените дрвја, помеѓу двајца сопружници, која се развива подолг временски период. Античките Грци сметале дека Прагма е една од највозвишените форми на љубов, вистинска обврска која бара разбирање и компромис, почит и лојалност. Ова е прагматичен и флексибилен вид на љубов.
Секој може да се заљуби, но развојот на Прагма бара свесна одлука и посветеност, каде што парот ќе одлучи да застане и да остане заедно (standing in love) во прагматична љубов, и во добро и во зло.
- Агапе
Агапе е петтиот вид на љубов, несебична љубов, најчистиот вид на кон општеството, светот, луѓето, човештвото, љубовта што ја даваме без да очекуваме ништо за возврат, љубовта што се рефлектира во сите видови добротворни цели, кога чувствуваме симпатија и емпатија да им помагаме на луѓето кои дури и не ги знаеме.
Желбата да се направи светот подобар за сите живи суштества е типичен пример за овој вид љубов. Храброста да се спротивставиме на некого за кој мислиме дека се однесува лошо, желбата да се заштити послабиот се исто така примери за љубовта на Агапе. На светот денес му треба повеќе агапеска љубов.
- Филатија
Филатија е самољубие. Честопати слушаме дека треба да се сакаме повеќе, само ретко кој ни кажува што значи тоа и како навистина се прави.
Античките Грци ја делеле Филатија на два подтипа, негативна, себична, егоцентрична Филатија, која се занимава само со задоволување на сопствените сетила, барање внимание, акумулирање слава и богатство за себе. Овој вид љубов често се рефлектира во нарцисоидни тенденции.
Позитивната Филатија е здрава форма на самољубие, љубовта што треба да продолжиме да ја развиваме како душа и како личност, љубов што ни е потребна за понатамошен развој на личноста.
Кога ќе се разбудиме наутро порано за да медитираме, наместо да поминуваме време во виртуелниот свет, одиме на часови по јога, салса или трчање, наместо да земеме уште едно парче торта, земаме малини или салата од спанаќ, кога наместо да гледаме десет епизоди од нашата омилена серија, ќе почнеме да учиме нов јазик или ќе напишете блог за нашата омилена тема и инспирација, кога наместо да го носиме товарот поради повреда, што некој ни ја нанел одамна, тивко му простуваме, иако никогаш не се извинил – тогаш ја практикуваме вистинската форма на љубов кон себе.
- Сторга
И седмата, Сторга, непоколеблива преданост, вид на љубов што родителите ја чувствуваат кон своите деца, е природен и скоро инстинктивен вид на љубов, моќна, заштитна сила.
Сторга е еден вид љубов во која простуваме, прифаќаме и жртвуваме многу, само затоа што чувствуваме дека ќе го заштитиме оној што го сакаме дури и по цена на нашите животи, дури и ако тој ни направил зло, дури и ако направил нешто погрешно.
Сторга е немилосрдна, непоколеблива љубов. Во почетната фаза на романтична љубов, честопати очекуваме безусловна Сторга, иако претежно се среќаваме само со потреба и зависност од Ерос, а, ако имаме среќа, созревање на Филија. Со текот на времето, Ерос може да се развива и да прерасне во Сторга.
Љубовта е најдолгата молитва. Наполнете го срцето и исполнете ги деновите. Клучот за љубовта е во вас.