Free zone

Светкава магија: Островот Ваду познат е по својот природен феномен со кој привлекува огромен број туристи

Кога помислувате на Малдивите, веруваме дека во главата имате замислено бесконечни песочни плажи и тиркизно море – скоро би го нарекле рај на земјата.

И не би погрешиле.

Но, тоа не е сè.

Заглавен меѓу другите острови, тука е и островот Ваду, чии плажи стануваат скоро магични во моментот на заоѓањето на сонцето.

Имено, „Ѕвезденото море“, како што уште ја нарекуваат оваа појава, е всушност природен феномен што се јавува кога милиони мали микроорганизми доаѓаат во контакт со кислородот.

Овие фитопланктони се нарекуваат динофлагелати и тие се одговорни за необичниот светкав сјај во водата, што многумина го споредуваат по убавина со поларната светлина.

Сè што ќе допрете, ќе стане светкаво. Ако стапнете со нозете во водата, ќе оставите блескави отпечатоци по плажата…

Сепак, иако динофлагелатите ја емитуваат оваа прекрасна светлина, тоа не значи дека се безопасни. Некои видови произведуваат отрови опасни за луѓето, рибите и другите суштества, а се верува дека сината светлина е еден вид одбрана од предаторите.

Интересно, дури и кога рибите ги голтаат овие планктони, тие продолжуваат да светат и во нивните стомаци. Овие микроорганизми, исто така, може да се најдат во водата во некои делови на Калифорнија и Порторико.

Самиот остров Ваду има околу 500 жители кои се занимаваат со туризам и риболов.

Исто така, добро е да се знае дека биолуминисценцијата не е ограничена само на една плажа од целиот океан. Благодарение на временските услови и морските струи, светлосниот ефект може да се појави на плажите и кај другите острови на Малдивите.

Напиши коментар