„Државна лотарија презеде мерки за отстранување на наследените неправилности уште пред изработувањето и објавувањето на извештаите на Државниот завод за ревизија. Ревизијата на работењето на Државната Лотарија во овие постапки од страна на Државниот завод за ревизија беше по наше барање и иницијатива. Таа постапка беше иницирана во првиот месец после назначување на новиот менаџмент“ – соопшти Државна Лотарија во соопштение кое го пренесуваме интегрално:
„Новото раководство на Државна Лотарија не го чекаше доставувањето и објавување за да постапи по слабостите наследени од претходното раководство, туку иницираше конкретни постапки за прекин на спорните активности и усогласување на работењето со законските обврски.
Ова е суштински факт за правилно информирање на јавноста. Преземените мерки не се одговор на актуелните медиумски објави, туку дел од веќе започнат процес на решавање на наследените проблеми. Нивната цел е да се запре продолжувањето на спорните практики, да се заштити јавниот интерес и да се воспостави одговорно корпоративно управување, а во заштита на државниот интерес и капитал.
Државна лотарија со целосна сериозност пристапи кон наодите и препораките на Државниот завод за ревизија. Тие се важна основа и за понатамошно постапување како и за дополнително зајакнување на контролата и законитоста во работењето. Нашата обврска беше и е, утврдените слабости констатирани од наша страна, а се однесуваат на претходното работење, но и од страна на Државниот завод за ревизија, да се решаваат со конкретни мерки, а не да се релативизираат.
Во согласност со автентичното толкување на одредбите на Законот за игрите на среќа и за забавните игри, Државна лотарија оддамна иницираше судски постапки за престанок на постоењето на друштвата за приредување интернет-игри на среќа. Постапките за „Државна лотарија – Везув“, „Државна лотарија – 77 БИТС“ и „Државна лотарија – Моззарт“ завршија со нивно затворање по судски пат. Тоа се конкретни исходи од постапките што самоиницијативно ги покрена Државна лотарија.
Одделно, на иницијатива на Државна лотарија, затворањето на „Нова државна видео лотарија – НОВО-ВЛТ“ беше реализирано по спогодбен пат, помеѓу двете друштва, во духот на коректни деловни односи. Државна лотарија презеде и постапка за запирање на приредувањето интернет-игри на среќа преку Државна видеолотарија.
Преземените постапки покажуваат дека актуелното раководство активно ги решава наследените состојби преку надлежните институции и со примена на законските механизми.
За новото раководство, одговорното управување подразбира и отстранување на наследените слабости и спречување на нивното повторување. Приоритети на нашата работа и до сега и од сега се јасни правила за донесување одлуки, соодветна документација, финансиска дисциплина и ефикасна внатрешна контрола. Довербата во Државна лотарија треба да се гради врз законито постапување, транспарентност и проверливи резултати.
Државна лотарија самоиницијативно донесе 12 протокли за интерно работење, а во насока на финансиска дисциплина и ефикасна внатрешна контрола.
Државна лотарија останува на располагање на Државниот завод за ревизија и на другите надлежни институции за документација и соработка во понатамошното расчистување на утврдените состојби.
Јавноста ќе биде информирана за преземените активности, со почитување на законските обврски и тековните постапки. Процесот започнат пред објавувањето на ревизорските извештаи продолжува и понатаму, со јасна цел: отстранување на наследените проблеми и одговорно корпоративно управување.“









