Илјадници луѓе излегоа да и одадат последна почит на пејачката.
Илјадници обожаватели се собраа во родниот град на пејачката Бони Тајлер во јужен Велс за да ѝ оддадат почит. Пејачката почина ненадејно на 8 јули во Португалија на 75-годишна возраст.
Нејзиниот ковчег беше пренесен по Њутн Роуд во Мамблс, обвиткан со велшко знаме. Обожавателите фрлаа цвеќе кон погребното возило, а потоа аплаудираа и пееја заедно со нејзиниот најголем хит „Total Eclipse of the Heart“.
Бони Тајлер, чие вистинско име беше Гејнор Саливан, беше една од најпознатите пејачки од Обединетото Кралство. Таа постигна меѓународна слава со хитовите „Total Eclipse of the Heart“, „I Need a Hero“ и „It’s a Heartache“ и го претставуваше Обединетото Кралство на Евровизија во 2013 година во Малме, Шведска.
Многу обожаватели патуваа од други делови на земјата за да присуствуваат на поворката. Меѓу нив беше и 18-годишната Кери Едвардс, која рече дека музиката на Бони Тајлер имала длабоко влијание врз неа и дека веста за нејзината смрт силно ги погодила многумина во Велс.
Пејачката беше многу приврзана кон својот роден град. Таа пораснала во Скавен, во работничко семејство со пет постари браќа и сестри, а подоцна го поминувала времето помеѓу Алгарве во Португалија и голема куќа во Блекпул, во близина на Мамблс, со поглед на заливот Свонси.
Церемонија посветена на нејзиниот живот ќе се одржи на 17 август во Свонси, во црквата „Света Марија“. Иако влезот во црквата ќе биде само со покана, јавноста ќе може да ја гледа церемонијата на голем екран на блискиот плоштад „Свети Давид“, објавува “The Guardian“.После тоа, ковчегот повторно ќе помине низ нејзиниот роден град Скавен, додека приватниот дел од збогувањето ќе биде резервиран за семејството и пријателите.
