Убавина

Намалете ги проширените пори на лицето

Пред големината на порите да ви се претвори во опсесија и активно да се ангажирате за да ги минимизирате, потребно е да знаете дека порите се сосема нормален составен дел на кожата и дека совршените лица од рекламите кои никогаш немаат видливи пори и несовршености се апсолутно нереални.

Причина

Големината на порите е генетски предодредена. Обично луѓето со светол тен имаат помали пори, а луѓето со темен тен имаат поизразени и пошироки пори.

Исто така, типот на кожата на лицето игра голема улога. Сувата кожа се карактеризира со мали пори кои често не се воопшто видливи, додека една од карактеристиките на мрсната кожа се и големите пори.

На големината на порите влијаат уште неколку други фактори. Оштетувањето на кожата од УВ-зраците го намалува нивото на колаген, кој ја одржува цврстината и еластичноста на кожата, и како резултат на тоа порите може да станат повидливи. Количината на колаген се намалува и како последица на стареењето, па повозрасните жени често се жалат од зголемени пори на кожата.

Видливи пори може да се појават и поради механичка траума на кожата предизвикана од притискање на мозолче. Црнките и големите пори скоро секогаш одат во пакет, затоа што црните точки ги прошируваат порите.

Помош

Порите ќе изгледаат помали само ако се чисти и ако врз кожата нема наталожен слој мртви клетки. Оттука доаѓа и потребата од редовна ексфолијација на лицето. Лицата со чувствителна кожа не треба да го ексфолираат лицето повеќе од еднаш неделно. Доколку имате подебела кожа која не се иритира лесно, можете да си правите ексфолијација сонежен пилинг 2-3 пати неделно. Кога и да купувате пилинг за лице, гледајте тој да е нежен, затоа што претераното надразнување на кожата со груб пилинг може да доведе до зголемено лачење на природни масла кои само ќе ви ја влошат состојбата на лицето.

Намалувањето на видливоста на порите и отстранувањето на мртвите клетки може да се направи и со користење на козметички производи кои во својот состав вклучуваат АХА киселини (алфа-хидрокси киселини).

Ако имате и проширени пори и акни, користете производи со салицилна киселина.

Користете пудри со мат финиш. Кога кожата е сјајна, порите доаѓаат до израз. Маскирајте ги со помош на мат пудра.

И се разбира, многу е важна козметиката за заштита од сонце. Секојдневно заштитувајте ја кожата со производи со SPF 15.

Write A Comment