Потребни состојки
За тесто:
4 белки, 70 гр бел шеќер, 250 гр шеќер во прав, 150 гр бланширани мелени бадеми, боја и арома по желба
За ганаш крем:
300 мл слатка павлака, 200 гр чоколадо
Подготовка:
Белките треба да бидат на собна температура, никако не смеат да бидат студени. Белките матете ги во чист сад, бидејќи доколку во садот има неколку капки вода или масло, целиот ваш напор може да падне во вода.
Матете ги белките со белиот шеќер додека смесата не биде цврста и сјајна, а потоа лесно промешајте го шеќерот во прав и бланшираните мелени бадеми. Доколку сакате вашите колачи да имаат друга арома и боја, во белките додадете само 2-3 капки од аромата или бојата, но не повеќе бидејчи смесата не смее да промени конзистенција. Смесата ставете ја во пекарска кеса, и на дебел плех обложен со хартија за печење, истискајте мали мафини со иста големина и оставете ги така да отстојат околу еден час.Потоа печете ги 12-13 минути во загреана рерна на 150 степени. Оладете ги готовите макрони, внимателно одвојте ги со нож од хартијата за печење за да не се распаднат и оладени спојувајте ги со ганаш кремот.
За кремот загрејте ја слатката павлака, и кога ќе почне да врие, додадете чоколадо на парченца, бело или црно во зависност од тоа каков крем сакате. Мешајте со дрвена лажица додека не се стопи чоколадото. Изладете и ставете во фрижидер да преноќи, а утредента изматете добро со миксер и спојувајте ги макроните со филот.
